Касами во Стејт департмент: САД ја поддржуваат предизборната коалиција СДСМ – Беса


САД– Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, деновиве е во посета на Вашингтон каде реализираше средби со високи официјални лица од Конгресот и Стејт департментот. Касами оствари средби со конгресменот-демократ Елиот Енгл, претседател на Комитетот за надворешни работи при Претставничкиот дом, потоа, во Стејт департментот се сретна со Дејвид Костеланчик, директор во канцеларијата за Југоисточна Европа и Азија, како и со Филип Рикер, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија.

Во интервју за МИА Касами говореше за резултатите од тие средби во американската престолнина, за новата предизборна коалиција СДСМ-Беса, како и за плановите на партијата за настап на парламентарните избори во Северна Македонија закажани за 12 април.

Господине Касами, остваривте средби како во американскиот Конгрес, така и во Стејт департментот. Можете да кажете, дали САД ја поддржуваат предизборната коалиција СДСМ-Беса? Каква порака добивте како лидер на Беса од раководството на САД, од конгресменот Елиот Енгл и од заменикот државен секретар Филип Рикер.

Посетата на Конгресот и средбата со конгресменот Елиот Енгл, претседател на Комисијата за надворешна политика, највисока функција за надворешна политика во Конгресот, за нас беше многу важна. Господинот Енгл е добар познавач на приликите на Балканот, добар пријател на Македонија, на Албанија и сите балкански држави, застапува развој и интеграција на овие земји во НАТО и ЕУ, и затоа за нас беше многу важно да се сретнеме со него во време на предизборна кампања. За нас најважно е дека тој ги поддржува овие процеси со предизборната коалиција кои се многу важни за граѓаните на Северна Македонија.

На иста тема се разговараше и во Стејт департментот, со директорот на Канцеларијата за Југоисточна Европа и Азија, Дејвид Костелначик, кој беше брифиран за приликите во Македонија, со предизборните коалиции и со текот на кампањата. Од него беше поздравена оваа храбра одлука на лидерите на СДСМ и на Беса. На средбата присуствуваше и господинот Филип Рикер, кој исто така ги поздрави овие храбри одлуки, со цел граѓаните во Северна Македонија да добијат лидери кои пред сѐ ќе работат за нивните интереси и интересите на државата, за што побрзо Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, како што наскоро очекуваме да стане и членка на НАТО.

За првпат во македонската политичка историја партија на Албанците влезе во предизборна коалиција со главна македонска партија како што е СДСМ. Која е заедничката нишка што ги поврзува Беса и СДСМ?

За информација на јавноста, ова е првпат да има една таква коалиција на парламентарни избори. Инаку, коалиции имавме и на локалните избори, потоа и на претседателските, кога ДУИ настапи заедно со СДСМ. За разлика од тие коалиции кои работеа во лични интереси на кандидатите на локалните избори, или со цел избор на претседателот Стево Пендаровски, оваа коалиција има задача Македонија да докаже дека има капацитет да гради општество кое ќе биде рамноправно за сите. Да се изгради една држава и институции кои ќе бидат рамноправни пред сите. Без разлика на различностите кои постојот во Северна Македонија.

Вие досега бевте во опозиција. Врз основа на што ќе се базира вашата изборна програма? Од позиција на опозиција сега можеби ќе влезете во Влада. Каква визија имате за Македонија доколку дојдете на власт?

Досега, сите политички партии, особено политичките партии на Албанците, се држеа до националистичка реторика пред избори, за после избори да заборават сѐ и да влезат во неприродни комбинации. Да потсетиме дека од 2002 ДУИ, како партија која произлезе од конфликтот, после изборите стапи во коалиција со СДСМ, потоа со ВМРО-ДПМНЕ, па пак со СДСМ. Неприродна коалиција беше и онаа кога ДПА влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, две, условно кажано, националистички концепти. Ние за првпат влегуваме во една предизборна коалција која ќе понуди програма за рамноправен економски развој, за правда за сите, за реформи на правниот систем за да нема повеќе монтирани случаи, законот да биде еднаков за сите, и да не се случи индивидуи да бидат над законот, што беше случај до 2016 година, кога власта ги зафати сите институции, пособено судско правните. Конечно, она што не соединува со СДСМ е да се оствари побрза интеграција на земјата во ЕУ. Убедени сме дека сите граѓани ќе ги уживаат придобивките кои произлегуваат од полноправно членство на ЕУ.

СДСМ го објави конкурсот, претседателот на партијата Зоран Заев неделава најави дека има многу кандидати за изборните листи на претстојните парламентарни избори. Дали вие ќе бидете носител на изборна листа во Изборната единица шест?

Договорот е да трчаме со најдобрите кандидати што ги имаме во движењето Беса, и во коалцијата со СДСМ. Не беше најважно кој каде ќе се натпреварува, но сигурно дека како лидер на Беса кој доаѓа од шестата Изборна единица, би било нормално јас да ја предводам. Се надевам дека и другите кандидати кои ќе бида после мене, дали од Движењето или од СДСМ, ќе бидат најдобрите кандидати, за тоа да го валоризираат гласачите да гласаат за кандидатите, а не за коалиции.