Касами останува на чело на БЕСА, Хоџа избран за заменик претседател


Фото: Б. Грданоски

Билал Касами останува на лидерската позиција на движењето БЕСА, а заменик претседател ќе биде досегашниот генерален секретар Аријанит Хоџа. Ова е епилог на Вториот конгрес на партијата, што се одржа денеска во Скопје, на кој Касами немал противкандиат за челната функција 

„За мене е голема чест истовремено и одговорност да бидам на чело на една партија која докажа дека е доследна на принципите за кои се залага дека е заштитник на сите на кои им се прави неправда“, рече Касами.

На вториот конгрес  за пррв пат е воведена функцијата заменик-претседател која ќе ја извршува Хоџа. Централниот одбор и другите раководни партиски тела ќе бидат назначени дополнително.

Касами истакна дека БЕСА се враќа на политичката сцена „на голема врата“, како и дека остануваат посветени на проблемите на обичниот граѓанин и на членството во Европската унија.

Како опозициска партија, Касами рече дека БЕСА  ќе се залага за што побрзо одржување на предвремени избори, затоа што, како што нагласи, власта не е спремна да ги заштити интересите на граѓаните, особено во сложената ситуаија во која што се наоѓаме.

Одговарајќи на прашање на новинарите, Касами рече дека партијата се залага за здружување на опозициските партии, но доколку не дојде до тоа, подготвени се на следните избори да излезат и самосстојно.