Касами: Беса влегува во новата влада, Ахмети им е омилен партнер на СДСМ и на ВМРО
Не му дадовме поддршка на Стево Пендаровски во вториот изборен круг, туку целта ни беше да имаме успешен процес со цел земјава да оди напред. Расположението кај албанските гласачи е на страната на опозицијата, така што позицијата на ДУИ е целосно делегитимирана. Сè уште е рано да се каже дали на следните парламентарни избори ќе одиме во коалиција со Алијансата за Албанците. Ќе одиме од врата до врата и ќе ја промовираме нашата визија. По изборите, очекуваме да бидеме дел од новата влада, вели Биљал Касами, претседател на Беса во интервју за „Независен весник“.
Завршија претседателските избори на кои триумфираше кандидатот на власта Стево Пендаровски. Се доби впечаток дека неговата победа е поизразена во вториот круг од изборите не само поради мобилизацијата на членството на СДСМ и на ДУИ туку и поради тоа што за него гласаа поддржувачите на Блерим Река, односно на вашата Беса и на Алијансата за Албанците?
– Нашиот повик да се излезе масовно да се гласа и по сопствено убедување беше знак дека сакавме, како и што испадна на крај, процесот да биде успешен. Нормално, и очекувањата се во таа насока, новоизбраниот претседател да биде инклузивен во својот однос и поставеност како што и наликува на еден претседател на држава.
Сепак, Река со апелот масовно да се излезе и да се гласа за европската опција, според многумина, му „намигна“ на Пендаровски. Дали имаше недоразбирање меѓу партиите што го поддржуваа Река и самиот тој?
– Апсолутно, нашиот повик беше принципиелен во согласност со нашите долгорочни политички позиции. Слободно може да кажам дека сме единствената партија со конзистентни политички ставови. Нашиот повик беше во никој случај да не се мисли на бојкот на процесот знаејќи ги и последиците, но исто така знаејќи ги и ставовите на одредени политички партии кои, иако се трудеа да прикажат дека активно работат на терен, сепак, се молеа процесот да пропадне, за на крајот да ја обвинуваат албанската опозиција, а тие да ги продолжат нивните теснопартиски агенди. Затоа нашиот став, заеднички со Алијансата на Албанците и со професорот Река, беше секој посебно да ја даде пораката врз основа на одлуките и ставовите што ги претставува.
Вашиот кандидат освои 80.000 гласа, но колку тие се заслуга на квалитетот на Река, а колку на поддршката што му ја даваа албанските опозициски партии? Дали сега е поцврста или понестабилна позицијата на ДУИ?
– Од кога донесовме одлука за тоа каков кандидат сакаме да нè претставува на претседателските избори, за нас беше приоритет квалитетот на кандидатот и мислам дека подобра опција од професорот Река во овие околности не можеше да се најде. Во тој контекст, тоа беше олеснувачки фактор во делот на мобилизирање на гласачкото тело како за нас така и за Алијансата за Албанците. Пораката е јасна: опозициски гласови кај Албанците веќе долго време се мнозинство наспроти гласовите на ДУИ и малите сателити околу нив. По претседателските избори, мислам дека позицијата на ДУИ не само што е разнишана туку е целосно делегитимирана.
Во тој контекст, зошто и покрај сите афери и обвинувања за лошо работење, партијата на Али Ахмети и натаму успева да биде дел, па и важен фактор во секоја влада?
– Сме кажале во неколку наврати не само во ова влада туку и во претходниот режим: ДУИ е единствената заедничка опција посакувана од која било македонска политичка партија, независно дали е тоа ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Сигурно причините се многубројни зошто е тоа така бидејќи, ако гледате и во минатото и сега, единствени функционери за кои не се отвораат детални постапки за криминал и корупција се тие на ДУИ. Е, сега, кој како прикрива и кој како ги држи работите по фиоки, е прашање што треба да се постави кај македонските политички партии.
По разидувањето со Африм Гаши, колкава е моменталната сила на Беса?
– Претседателските избори покажаа една многу јасна слика – дека Беса не само што не е оштетена од кариеристите кои станаа познати преку логото на Беса и потоа евтино се предадоа на власта туку, напротив, успеа да излезе многу посилна во овој процес. Ова сигурно ќе се рефлектира позитивно и на следните парламентарни избори.
На претседателските избори првпат настапивте заедно со Алијансата за Албанците. Дали тоа значи дека ќе коалицирате и на следните парламентарни избори следната година?
– За нас сега е битно артикулирање на политичкиот концепт и на очекувањата на граѓаните. Се подготвуваме за кампања од врата до врата, каде што ќе ги убедиме граѓаните дека ние сме најдобрата опција на која треба да ѝ се даде можност за владеење. Што се однесува до тоа како би настапиле на следните избори, мислам дека е сè уште рано за да може од оваа временска перспектива да кажеме како ќе се одвиваат работите. Политичката сцена е многу динамична, многу работи се менуваат, така што за нас најбитно е држење на конзистентни политички ставови по кои и веќе сме препознатливи.
Ја критикувате работата на владата, иако ја поддржувате во процесите што се важни за европската иднина. Од друга страна, и покрај помирувачките тонови, се чини дека сè уште нема клима за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Каде се гледате по завршувањето на парламентарните избори?
– Ние ќе продолжиме да ја критикуваме владата бидејќи сме опозициска политичка партија. Не е точно дека ја подржуваме владата за процесите за европската иднина, туку имаме заеднички став со другите политички чинители кои се бескомпромисно за НАТО и ЕУ – единствена перспектива на државата. Значи, ние даваме поддршка за нашата заедничка иднина како држава, а тоа не е само определба на владата. Што се однесува до исходот од следните парламентарни избори, ние очекуваме да бидеме победници или да бидеме во една поширока опција на победници кај албанското гласачко тело и, нормално, да бидеме дел од влада каде што ќе можеме јасно и децидно да ги реализираме нашите програмски определби, како и исполнувањето на очекувањата на граѓаните.
Арменд Мурсели
Горан Адамовски