Карванот за вакцинација денеска пред „Ист гејт мол“ во Скопје
Карванот за промоција на вакцинацијата против Ковид-19 денеска продолжува во Скопје пред „Ист гејт мол“ од 11 до 15 часот. Организираниот карван до завршувањето треба да помине уште низ осум локални заедници низ државата. Него го организира Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.
Главниот координативен кризен штаб за справување со Ковид-19 синоќа одлучи да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за укинување на маските за учениците во основните училишта, физичко присуство на наставата на факултетите, максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 отсто да се зголеми на 75 отсто и за укинување на сертификатите за вакцинација во отворените простории на локалите.
На Владата ѝ предложи измена на одлуката со која учениците во основните училишта ќе можат да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски.
Во однос на препораката за неносење на маски за учениците министерот за образование Јетон Шаќири вчера порача дека ја прифаќа оваа препорака на Комисијата за заразни болести, но посочи дека конечната одлука очекува да ја донесе Владата на наредната редовна седница во вторник.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје вчера се регистрирани 322 нови случаи на КОВИД-19 од направените тестирања во претходното деноноќие, а 42 се реинфекции. Оздравени се 308, а починало едно лице. Бројот на активни случаи во земјава, согласно вчерашните податоци, изнесува 1.972.