Карпош е безбеден од змии, денеска се поставуваше „репелент“


Службите на општина Карпош денеска ја продолжија акцијата за поставување „Репелент“ – средство за превенција, односно заштита од змиите.

– Стручните лица го поставија ова наменско средство во три детски игралишта во населените места кои гравитираат кон Водно, како и во каналот на кејот на реката Вардар, во непосредна близна на Скејт паркот. Претходно со ова превентивно средство беа поминати сите основни училишта и детските градинки на територија на локалната самоуправа, како и детското игралиште во близина на Веро во Тафталиџе, информираат од локалната самоуправа. 

Станува збор за природен производ кој е безопасен за луѓето, животните и околината, којшто придонесува за намалување на појавата на влекачи. Појавата на влекачи во овие делови е резултат на покачените температури во скопската котлина, како и распространетата вегетација.

Ова ефикасно средство содржи екстракција на етерични масла од тревки и дрвја, а дејствува на тој начин што шири мирис на свеж оган, при што ги одбива змиите да се приближат до одредена површина, појаснуваат надлежните.