Каролина, Катарина и Лоба: Зошто се најангажирани заштитни лица во Македонија?


Ги гледаме на сцена или писта, ни се смеат од билборди или градски автобуси, на козметички и модни каталози. Како дами, невести, супероблечени или соблечени. Сите ги копираат нивните стилови од улица, патувања, настапи… Споделуваат фотографии на социјалните мрежи, имаат најмногу следбеници на Инстаграм. Сите сакаат да дознаат за нивниот приватен живот, дружби и патувања. Ги сакаат плажите на Миконос, Санторини и Мексико.

Македонскиот пазар на македонски или на интернационалните брендови не се заситува од лицата и ставите на пејачките Каролина Гочева-Корубин и на Викторија Лоба, и на манекенката со светска кариера Катарина Ивановска. А и тие се расположени за снимање или за разговор. Велат точни се, го почитуваат договорот и професионални се.

Како Каролина Гочева-Корубин (39), Катарина Ивановска (31) и Викторија Лоба (31) стигнаа до статусот на најангжирани заштитни лица во Македонија?

Каролина пее како ѕвезда, изгледа како ѕвезда, се облекува како ѕвезда. Не ја врзуваат со скандали, приватниот живот го држи подалеку од очите на јавноста, иако е активна на социјалните мрежи. Сè уште стои цврсто на земјата и по свадбата со уметникот Михаил Корубин. Родена битолчанка, одамна скопјанка, една од ретките ѕвезди со спој на убавина, стил и префинетост. На сцената со дамски стајлинг, налик на ѕвездите од Холивуд, во елегантни креации, со избрани модни детали. Нејзината долга коса и шминката на настапите, во спотовите и на концертите ѝ се средени до совршенство. Носи дизајнерска облека, најчесто купена во Италија и шик-чевли. Остана доследна на изборот на накит – никогаш нема да ја видите во злато.

Каролина денес е препознатлива по својот стил кој значи: тренд, префинетост и мерка, стил кој никогаш не ја прави да изгледа постара и посериозна. Благодарение и на екипата што се грижи за нејзиниот стајлинг.

Лоба е нежната русокоса со ангелска убавина, Русинка со македонско државјанство, која освен што е фотогенична покажа дека има и глас и чувство за модерен звук кој го слушаме цело лето благодарејќи на првиот студиски албум „Нов свет“, и тоа во две изданија – македонска и англиска верзија. Дип-хаус музиката на Марга Сол и на Роберт Билбилов е воодушевувачка и нè носи на плажите на Санторини каде што се снимени дел од спотовите за песните.

Нејзиниот приватен живот интригира и поради статусот сингл и ја прави уште попожелна за машката популација.

Катарина Ивановска, која светските модни писти и Лондон, Париз и Њујорк ги замени со Скопје и семеен живот, сè уште интригира со својот енергичен дух и можноста да биде во центар на внимание со своите објави на социјалните мрежи. Нејзиниот манекенски багаж е огромен – ретко која манекенка може да се пофали со модно портфолио како нејзиното и ревии за Валентино, Гучи, Версаче, Армани… и да ги вкуси добрите и лошите страни на светската модна сцена.

Катарина, по синот Вања, очекува нова принова, а не разнежнува и нејзината лојалност кон другарките, како Тамара, на кои несебично им дава поддршка за нивните проекти, успеси или гафови.

Нејзиното тело е комплетно вратено во форма, а заслужно за тоа, покрај добрите гени, се напорните тренинзи во фитнес-сала.

Катарина, иако прави пауза од пистите, активна е во кампањите за покренување на јавната свест на различни теми кои го мачат нашето општество. Ја видовме во кампањата на УНИЦЕФ, која го носи слоганот „Биди фер: За детство без пречки“. Исто така, дава своја поддршка на кампањата „Имам право на чист воздух“ и ја промовира петицијата за забрана на паркирање на тротоарите.

Лејла Сабит