„Карнеги Европа“: ЕУ е неблагодарна кон Македонија


Белгија– Кусогледоста на ЕУ кон Западниот Балкан им оди во прилог на другите големи сили, како Русија и Кина, оценува Институтот „Карнеги Европа“ во коментар на Самитот со лидерите од регионот што се одржа во Берлин.

Коментарот, чиј автор е познатата новинарка Џуди Демпси, нагласува дека недостигот на одржлива и долгорочна политика кон Западниот Балкан ќе оди во прилог на Русија и Кина, и додава дека лидерите на ЕУ се свесни за тоа.

Авторката смета дека самитот во Берлин ги изнел на виделина поделбите во ЕУ и жали што на регионот не му се даде јасен сигнал.

„Повеќе од загрижувачки е како европските влади конзистентно не го сфаќаат сериозно сопствениот двор, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Косово. Се чини дека ЕУ ништо не научи од југословенските војни во деведесеттите, кои ги извадија на виделина историските поделби помеѓу големите земји на ЕУ“, стои во коментарот.

Најразочарувачки е односот кон Северна Македонија, смета „Карнеги“, пред сè поради тоа што нема јасна награда за решавањето на долгогодишниот спор за името.

„И покрај сите храбри чекори за решавање на спорот, ЕУ во најмала рака се покажа неблагодарна“, пишува Демпси, која тврди дека францускиот претседател Емануел Макрон не се согласил за датум за преговори во Берлин.

Според Демпси, Макрон и Меркел се на сосема различни позиции во однос на политиката на проширување на ЕУ кон Западниот Балкан.

„Меркел не е доволно наивна да мисли дека овие земји во блиска иднина ќе се придружат кон ЕУ. Државните институции се многу слаби, корупцијата е сеприсутна и економиите се неразвиени, но таа знае дека на крајот местото на регионот е во ЕУ“, се наведува во коментарот.

Од друга страна, нагласува Демпси, Макрон не сака ниту да го спомене зборот проширување.

„Според него, натамошно проширување ќе ја ослаби кохезијата на ЕУ и ќе ги засили популистите и екстремната десница“, објаснува авторката.

Регионот сè уште се надева дека Меркел ќе го премисли Макрон, „но, за сега, политиката на ЕУ кон Западниот Балкан е поделена и кусогледа“, смета Демпси.

Една од најзагрижувачките точки останува српско-косовскиот конфликт околу кој земјите членки на ЕУ остануваат длабоко поделени, бидејќи пет земји сè уште не ја признаваат независноста на Косово.

Демпси потсетува дека едно од решенијата за кои се говори е можна размена на територии во замена за српското признавање на косовската независност, решение на кое Меркел силно се противи. (МИА)