„Кармен” на сцената на Национална опера и балет
Националната опера и балет вечерва ќе биде центарот каде што ќе се изведе ремек-делото на Жорж Бизе, операта „Кармен“, една од најпознатите опери во историјата. Изведбата на операта „Кармен“ е во рамки на манифестацијата „Есенски музички свечености“ 2021.
Диригент е гостинката од Украина, Оксана Мадараш, режисер Нина Најденова од Бугарија, сценограф нејзината сонародничка Елена Иванова, костимограф Марија Пупучевска, а кореограф Олга Панго.
Во насловната улога ќе настапи Николина Јаневска, во улогата на Дон Хозе, Зоран Сотиров, Ристе Велков како Ескамилио, Сандра Митровска во улогата на Микаела, а во останатите улоги настапуваат Ана Ројдева Талевска, Соња Пендовска – Мадевска, Драган Ампов, Дејан Стоев и Ернес Ибраимовски. Настапуваат хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.