Карерас доаѓа во Белград: Ова е тенорот поради кој слушаме опера во кола
Најпознатиот и еден од водечките светски тенори, седумдесет и седумгодишниот Хозе Карерас, овој септември ќе и се поклони на белградската публика. Српската престолнина ќе ја има привилегијата да му биде домаќин по повеќе од 15 години, на 16 септември, а Шпанецот ќе настапи во рамките на фестивалот Класико.
Претстојниот концерт има посебно значење, бидејќи Карерас ретко настапува денес и е еден од тројцата тенори кои ја доближија класичната музика и операта до публиката.
Израснат во Барселона, најмладиот од трите деца, тој покажа рана склоност кон музиката. Кога имал само седум години, неговите родители го запишале на Конзерваториумот во Барселона за да студира музика, а подоцна во доцните тинејџерски години се запишал на Универзитетот во родниот град, каде заедно со музичкото образование студирал хемија.
Еден од важните луѓе за неговиот развој на кариерата беше шпанскaта сопранистка Монсерат Кабаље. Таа и нејзиниот брат го менторираа Карерас, помагајќи му да започне меѓународна кариера. Во 1971 година го направи своето италијанско деби како Родолфо во „Боеми“ на Пучини во Парма, а следната година го имаше своето американско деби во Њујоршката опера како Пинкертон во Мадам Батерфлај на Пучини, пред да отпее широк спектар на улоги во оперските куќи ширум светот во текот на следната деценија.
За време на настап во 1987 година, тој колабирал за време на снимањето. Тоа беше граничен настан за уметникот, бидејќи тогаш му беше дијагностицирана леукемија. По трансплантација на коскена срцевина и хемотерапија, тој целосно закрепнал, а во 1988 година ја основал Меѓународната фондација за леукемија, која го носи неговото име, за да собере пари за истражување на болеста. Две години подоцна, во 1990 година, тој се појави за прв пат со Лучијано Павароти и Пласидо Доминго и ова трио беше познато како „Трите тенори“. Тие брзо станаа атракција, а нивниот настап на Светското првенство во Рим освои Греми награда во 1991 година.
Карерас овојпат ќе настапи во Белград во придружба на оперскиот оркестар на Српскиот народен театар од Нови Сад, под диригентство на Давид Гименез, а како специјален гостин е најавена српската сопранистка Душица Бијелиќ, пишува Политика.
Карерас дојде и во Македонија. Во 2005 година настапи на отворањето на „Охридско лето“ што беше редок ексклузивен културен настан кај нас.