Карен Донфрид ќе го наследи Филип Рикер како помошник државен секретар за Европа
Џо Бајден планира да ја номинира сегашната претседателка на Германскиот Маршалов фон на САД, Карен Донфрид, за нов помошник државен секретар за Европа и Евроазија, соопшти Белата куќа. Сега на таа функција како вршител на должност се наоѓа Филип Рикер, кој во целосен капацитет ја извршуваше за време на администрацијата на Доналд Трамп. Донфрид беше поранешен врвен советник за Европа во Белата куќа на Барак Обама до 2014 година. Со оваа номинација на Донфрид за европските прашања Бајден се потпира на експерт со чија работа беше многу добро запознат во времето додека беше потпретседател.
Германскиот Маршалов фонд е непрофитна организација која е посветена на јакнење на трансатлатските врски низ политички анализи и образување на политички лидери. Сендиштето на Фондот е во Вашингтон, а има бироа во повеќе европски градови. Донфрид е претседател на Германскиот Маршалов фонд уште од 2014 година. Пред тоа како постар директор за европски работи во Советот за национална безбедност беше главен советник на претседател Обама за развојот и имплементацијата на европската политика на таа администрација. Пред да дојде во Белата куќа Донфрид беше разузнавачки офицер во Советот за национално разузнавање, што е центар за стратегиско мислење. И таму нејзината работа беше поврзана со Европа. Неколку години работеше и во Стејт департментот. Донфрид течно зборува германски.
Според првите пишувања на американските весници главната задача на Донфрид ќе биде обновување на трансаталнтското сојузништво меѓу САД и Европа, што беше нарушено за времето на Трамп. Во соопштението на Белата куќа за разговорот на Бајден со Ангела Меркел беше посебно нагласено дека Западен Балкан ќе биде во фокусот на интересирањето на администрацијата, па искусната аналитичарка и креатор на политики, Карен Донфрид треба да одигра клучна улога.
Во нејзината реакција на Твитер Донфрид изјави дека е „длабоко почестена од можноста да се врати на јавната служба како помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, доколку бидам потврдена, под водство на претседателот и секретарот Блинкен“.
Интересно е што во плановите за номинации на Бајден за шест помошници на државниот секретар за различни области и генерален директор на дипломатската служба шест се жени. (Н.В.)