„Карбон тракер“: Преминувањето на Кина кон електрични возила ќе стави крај на ерата на нафтата


Во Кина се произведуваат електрични автомобили со врвен кавлитет: моделот „Xpeng P7“

Трошоците за увоз на нафта за производство на гориво за просечен автомобил се десет пати повисоки од трошоците за набавка на сончевата опрема за производство на електрична енергија за напојување на електрично возило

Брзиот премин кон електрични возила што го предводи Кина ќе го намали растот на глобалната побарувачка на нафта за 70 проценти до 2030 година и ќе стави крај на ерата на нафтата, се вели во студијата на консултантската компанија „Карбон тракер“ (Carbon Tracker), пишува Ројтерс.

За 10 години, Кина може да заштеди повеќе од 80 милијарди американски долари годишно за увоз на нафта, благодарение на сè поконкурентните возила со погон на нови извори на енергија (НЕВ), објави „Карбон тракер“, пренесува Сеебиз.

Пресметката се темели на „конзервативното“ сценарио на Меѓународната агенција за енергетика (IAE), кое предвидува дека електричните возила ќе учествуваат со 40 отсто од вкупната продажба на автомобили во Кина до 2030 година, и 20 отсто од продажбата во Индија и другите пазари во појавување.

Трошоците за увоз на потребната нафта за производство на гориво за просечен автомобил се десет пати повисоки од трошоците за набавка на сончевата опрема потребна за производство на електрична енергија за напојување на електрично возило, посочи „Карбон тракер“.

„Тоа е едноставен избор помеѓу растечката зависност од скапа нафта произведена од странски картел и домашна електрична енергија од обновливи извори чии цени паѓаат со текот на времето“, рече главниот автор на извештајот Кингсмил Бонд.

Електричните возила играат клучна улога во напорите на Кина да ги намали стакленичките гасови кои ја менуваат климата и да го подобри квалитетот на воздухот во градовите. Индија исто така постави амбициозни цели за продажба на вакви возила до 2030 година.

Кина сè уште не утврдила кога точно ќе забрани производство и продажба на традиционални автомобили, но неименуван претставник на индустријата во октомври изјави дека новите електрични возила ќе учествуваат со половина од целата продажба на нови автомобили до 2035 година, а останатите ќе бидат хибридни возила.