Карантинот за нашите од странство ќе се продолжи на 20 дена


Сто педесет и три лица од вкупно 210 кои се сместени во државен карантин на Попова Шапка се пуштени да си одат дома. Си заминаа и 280 наши граѓани сместени во хотелот Дрим во Струга. Претходно сите биле лекарски прегледани, па иако никој од пуштените немаше симптоми на коронавирусот, мора да продолжат во самоизолација во домашни услови.

Пуштањето на лицата од Попова Шапка го следеше  заменик-министерот за внатрешни работи.

„Ги прегледуваат пред да го напуштат државниот карантин и да продолжат уште 14 дена во самоизолација во нивните домови. Дури и возачот кој ќе дојде да ги земе и тој ќе мора да биде во самоизолација,“ порача Нухиу.

Нухиу најави дека на местото на лицата кои од денеска ги напуштаат хотелите на Попова Шапка се очекува да дојдат други лица за кои ќе треба да помине истата процедура.

„Очекуваме утре да дојдат 180 граѓани кои дошле од скандинавските земји, а има најави и за наши државјани кои ќе полетаат од Италија. Има предлог граѓаните кои доаѓаат од Италија да имаат 20 дневен карантин, но сè уште не е официјално. Таа одлука ќе ја имаме утре,“ рече заменик министерот.

На Попова Шапка дотогаш остануваат уште 59 лица кои пристигнале во хотелите во оваа туристичко место на 10 април. Во исто време, 83 други лица остануваат во карантин во Маврово уште неколку дена.

Исто така семејства со мали деца, повозрасни и помлади беа помеѓу вкупно 280 граѓани од цела Македонија на кои денес им заврши четиринаесетдневниот државен карантин во Струга. Речиси сите претходно допатувале од Виена, Австрија, каде потоа организирано беа распределни во хотелските соби.

„Не можам да се жалам бидејќи сè беше добро. Немавме никакви проблеми. Сè убаво помина. Немаше заразени досега…“

Четири медицински тимови две недели по 12 часа дежурале и им биле на располагање на овие луѓе.Откако оваа група си замина, во Струга ќе бидат сместени нови 300 граѓани на кои допрва треба да им почне државниот карантин. Тие ќе пристигнат во вторник.