Карантинот се врати на Филипини

Повеќе од 27 милиони луѓе во Манила и нејзината околина повторно се во карантин по воведувањето нови рестриктивни мерки заради спречување на коронавирусот, кој нагло се шири на Филипините.

Мерките стапија на сила ноќеска откако бројот на заразени лица во земјата надмина 100.000, а медицинските здруженија го повикаа претседателот Родриго Дутерте да преземе нешто во врска со тоа.

„Нашите здравствени работници не треба да го сносат товарот да одлучуваат кој ќе живее, а кој ќе умре“, наведуваат лекарите во отвореното писмо испратено во текот на викендот, предупредувајќи дека здравствениот систем е пренатрупан.

Двете големи државни болници во Манила се привремено затворени поради зараза кај здравствените работници, додека некои приватни болници ги одбиваат пациентите поради недостиг на простор, пренесува „Гардијан“.

Во последните денови, епидемијата на коронавирус на Филипините се шири брзо и веќе се регистрирани 106.330 случаи, а над 2.000 луѓе починаа.