Каракачанов сонува за Голема Бугарија, Пендаровски тоа го осуди како кошмар


Провокации без крај на Красимир Каракачанов

Дури и еден благороден ден како Меѓународниот ден на жената бугарските политичари го искористија за пропагирање идеи и територијални претензии кон соседите, веројатно најмногу во име на изборната кампања.

Лидерот на бугарското ВМРО и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, во честитката за 8 Март жената ја претстави пред сѐ како мајка, а во пораката „Бугарија над сѐ“ ги посочи главните акценти на кампањата на неговата партија: традации, семејство, вредности. Во заднината на оваа порака е мапата на неколкумесечната Санстефанска Бугарија, која опфаќа територии подалеку од Охрид, дури во Албанија и излегува на Егејско Море, но без Солун.

Овие санстефански сништа на актуелниот министер за одбрана македонскиот претседател Стево Пендаровски ги оцени како целосно спротивни на основните принципи и вредности на НАТО.

„Претседателот Пендаровски во однос на ваквите изјави кои доаѓаат од Софија секогаш укажувал дека претставуваат отворено кршење на Договорот за добрососедство и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи“, соопштија од Кабинетот на претседателот.

По состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со безбедносните служби на кои се разгледувало писмото на културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола за наводното кршење на човековите права на Бугарите во Македонија, ова е второ директно мешање во внатрешните работи на нашата земја за многу кусо време. Но Каракачанов со оваа честитка и мапата се замеша и во внатрешните работи и територијалниот интегритет на Грција. (Н.В.)