Каракачанов повторно јава: „Македонија сака да влезе во ЕУ без да каже едно извинување за убиените Бугари“
Како што се доближуваат изборите во Бугарија националистите ја заоструваат реториката во однос на Македонија. Вицепремиерот и министер за одбрана, Красимир Каракачов, денеска се обиде да ги сврти зборовите на премиерот Зоран Заев околу тоа дека Скопје сега не може да разбере што сака Софија, изјавувајќи: „Ние ја третираме Македонија како земја во која живеат наши сонародници. Нивната политичка елита не може да разбере што точно сака и што не сака. Тие сакаат да влезат во ЕУ со калливи чевли, без да кажат ниту едно извинување за убиените Бугари“.
Тој тврди дека Бугарија е таа што го поттикнува дијалогот со Македонија и дека сите предлози и иницијативи дошле од Софија. Според она што го објави весникот „Труд“, Каракачанов порачал дека Скопје не може да се надева ниту на словенечкото претседателство со ЕУ, ниту на новата американска администрација, ниту да се промени политичката ситуација во Бугарија. Тој додава дека Македонија била подготвена на разговори сѐ додека не добила зелено светло од НАТО и потоа се приклучи кон алијансата. „Сега им покажуваме дека медалот има две страни. Ние сме добронамерни, но не сме ниту глупави, ниту наивни, ниту луѓе без достоинство“, изјави бугарскиот вицепремиер.
Каракачанов го нападна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров дека си дозволил да ѝ дава забелешки на Европската унија. „Вицепремиерот Никола Димитров си дозволува да ја подучува ЕУ. Јас сум збунет, кој е кандидат за членство – Бугарија или Северна Македонија. Тој си дозволува да дава оценки за ЕУ, да дава препораки, но тоа е несоодветно“, рече Каракачанов. (Н.В.)