Каракачанов не слушнал дека Холандија и Данска ја поддржале Бугарија

Министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, денеска изјави дека „не чул таква информација“ оти Холандија и Данска ја поддржале Бугарија во блокадата на Македонија, како што напиша бугарскиот весник „24 часа“, а претходно тоа го објави и пратеникот Антонио Милошоски.

Каракачанов се вклучи во интервјуто со премиерот Зоран Заев во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77. Тој изјави дека Бугарија не ставила вето туку ги поставила своите критериуми за одредување на преговарачката рамка. „Ние очекувавме дека одредбите од Договорот од 2017 ќе бидат остварени, но тоа не се случи и Северна Македонија го одолговлекуваше нивното спроведување. Во Македонија за два месеци има 15.000 негативни статии за Бугарија“ и дека се шири големо антибугарско чувство.

Водителот Столе Наумов му одговори дека треба да ги бројат и негативните текстови во Бугарија и дали не е говор на омраза кога самиот тој изјави дека македонските политичари се однесуваат како „пијаници“ или дека му „дојде акалот“ на Заев по интервјуто за Бгнес. Каракачанов само одговори дека споменувањето „пијаници“ не било говор на омраза. „Бившите југословени тајни служби се вклучени во македонското општество и тие многу често го креираат јавното мислење“, рече Каракачанов.

Тој уште изјави дека ВМРО-ДПМНЕ нема ништо заедничко со историското ВМРО и не треба да се нарекува како негов наследник и дека Христијан Мицкоски не треба „хистерично“ да се повикува на АСНОМ.

Каракачанов рече и дека до вчера имал некаква надеж дека ќе се најде решение во декември, но по вчерашниот состанок на историската комисија му исчезнале тие надежи, особено поради тоа што не се најде решение за царот Самоил.