Каракачанов ги нарече „никаквеци“ дипломатите од Стејт департментот – виделе македонско малцинство
Вицепремиерот остро го нападна Стејт департментот поради извештајот во кој се пишува за етнички Македонци во Бугарија. Каракачанов го повика Вашингтон да признае тексашко или аризонско малцинство
Делот од годишниот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент во кој се зборува за етнички Македонци во Бугарија, предизвика силен излив на гнев кај Красимир Каракачанов, вицепремиер и лидер на тамошната партија ВМРО. „Властите продолжија да негираат регистрација на активистичките групи на етничките Македонци“, стои во првата реченица за слободата на здружувањето во Бугарија.
Оваа американска оценка не му се допадна на Кракачанов:
„Тие ја гледаат Бугарија како Занзибар, не ги знаат проблемите и пишуваат така. Да ги прашам овие никаквеци во американскиот Стејт департмент какво е тоа македонско малцинство – тие гледаат некои извештаи од соросоидните организации и им даваат на невладините организации кои се хранат да ја плукаат Бугарија“, изјави Каракачанов за ТВ Пик, остро критикувајќи ги главните точки од извештајот на Стејт департментот.
„Кое е ОМО ‘Илинден’ – сите се на платен список на Скопје, тоа е платено ‘малцинство’, кое нѐ тераат да го признаеме“. Па уште налутено извика: „Какви репресирани Македонци има во Бугарија?! Некои пишуваат извештаи – нека пишуваат што сакаат. Нека воведат тие тексашко малцинството и аризонско малцинство. Политиката таму е да се интегрираат сите и да бидат Американци. Од каде тие да ја зајакнуваат својата државност, а ние ја кршиме“, рече бугарскиот министер за одбрана.
Соединетите Американски Држави во овој извештај не само што наведуваат дека има етнички Македонци во Бугарија, туку и дека ним не им е дозволено да ги регистрираат своите здруженија. Во него се наведува дека бугарските власти и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права одбиваат да ги регистрираат здруженијата на Македонците во таа земја.
Интересно е дека има промена во односот на Вашингтон кон македонското малцинство во Бугарија. Во извештаите за 2018 и 2019 година стоеше иста реченица околу неговите права: „Властите продолжија да ја негираат регистрацијата на македонската активистичка група ОМО Илинден, и покрај јануарската пресуда и 10 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањата ја нарушиле слободата на здружување на групата“. Во претходните извештаи тоа не се споменуваше.
Сега САД веќе зборуваат за македонско малцинство и неговите права. Во извештајот стои ова:
„Властите продолжија да негираат регистрација на активистички групи на етничките Македонци, како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштво на угнетени Македонци, Жртви на комунистички терор и Клуб на македонска етничка толеранција во Бугарија, и покрај пресудата од мај и повеќе од 10 претходни одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права дека негирањата ја нарушиле слободата на здружување на групите. На 1 октомври, Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортура изрази во привремена резолуција ‘длабока загриженост’ во врска со ‘формалистичката примена на законските барања’ на властите упорно одбивајќи ја регистрацијата на Обединетата македонска организација – Илинден и слични здруженија од 2006 година“.
Понатаму, во извештајот сместен во одделот за „граѓанските слободи“ се наведува и барањето на министерот за одбрана Красимир Каракачанов за забрана на две македонски здруженија:
„Во ноември 2019 година, јавниот обвинител постапи по жалбата на лидерот на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) и министер за одбрана Красимир Каракачанов за обидите на две здруженија, Цивилното здружение за заштита на основните индивидуални човекови права и античките Македонци, за создавање македонско малцинство . Главниот обвинител поднесе барање до судот за распуштање на здруженијата, обвинувајќи ги за политичка агенда што го загрозува единството и безбедноста на нацијата“. (Н.В.)