Каракачанов бара Бугарија да го замрзне увозот на храна


Бојко Борисов и Красимир Каракачанов

Предлогот е против правилата на ЕУ, премиерот Борисов сѐ уште молчи, иако министерката за земјоделство, која е од неговата партија, веќе го поддржа

 

Под маската да се грижиме за локалните производители на храна во услови на кризата со корона вирусот, бугарските владејачки политичари бараат да ги спроведат протекционистичките мерки против увезената стока.

Вицепремиерот Красимир Каракачанов предложи во петокот (10 април) да се забрани увозот на странски прехранбени производи, сè додека не се исцрпи бугарското производство.

Каракачанов, лидер на националистичката партија ВМРО, помал коалициски партнер во кабинетот на Бојко Борисов, ја повика владата да го задолжи министерот за економија да престане со увоз и продажба на овошје и зеленчук за време на сезоната на бербата на бугарско овошје и зеленчук, сè додека не се исцрпат домашните прозводи.

Идејата на Каракачанов се потпира на предлогот на министерката за земјоделство Десислава Танева од пред неколку дена. Танева е член на партијата ГЕРБ на Борисов (членка на ЕПП).

Министерството на Танева сака да воведе административни правила со цел во секој супермаркет една половина од просторот задолжително да биде резервирана за храна произведена во Бугарија.

Според проектот, сите синџири на мало со храна треба да издвојат места (штандови, гондоли и друго) за бугарска храна, која треба да покрие најмалку половина од областа за секоја од различните групи на храна.

Овие намирници мора да потекнуваат директно од производителите во соодветната географска област на секоја продавница или оддалечена од 200 км од окружниот центар. Таквите производи не можат да се продаваат по промотивни цени, освен со изразена писмена согласност од производителот.

Предлогот е дискутиран меѓу владини претставници и Здружението за современа трговија, кое обединува големи синџири на малопродажба во земјата.

Премиерот Бојко Борисов сè уште нема јавен коментар за предлогот и уште не е јасно дали и кога ќе биде усвоен.

Идеите на Танева беа критикувани за кршење на законодавството на ЕУ во голем број области, како што е слободно движење на стоки, а самата критика се однесува и на предлозите на Каракачанов. (Еурактив)