Каракачанов: Бајден може да си каже само свое мислење за Македонија, а не да врши притисок
Нема политичар во светот, па макар тоа е и Џо Бајден, кој може да ја промени бугарската политика во спорот со Македонија, изјави денеска бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, во разговорот за бугарската национална телевизија.
Запрашан дали Бугарија може да го промени својот став под притисок на американскиот претседател Џо Бајден, Каракачанов одговори:
„Џо Бајден има право на сопствено мислење толку колку што имам јас право на сопствено мислење. Во мојата држава Бугарија еден обичен бугарски граѓанин има повеќе право на мислење од кој било претседател на голема сила, па макар тоа биле и САД. Тоа е. Не гледам кој бугарски политичар и под чиј притисок ќе го промени решението на парламентот. Што би добила Бугарија од тоа? Ништо“.
Тој уште тврдееше дека откако во ноември Бугарија го блокира почетокот на преговорите со ЕУ се засилил притисокот врз Бугарите во Македонија. „Еден висок функционер во Министерството за одбрана побара сите што се Бугари да бидат екстрадирани од Македонија во Бугарија. Друг функционер објави список на Бугари во Макеедонија кои треба да бидат притворени и тепани. Трет функционер имаше грозна изјава кон министерката за надворешни работи Екатерина Захариева“.
Каракачанов уште додаде: „Не гледам зошто американскиот претседател Бајден или друг висок странски политичар би поддржал една ваква политика на Скопје“.