Караџовски: И полициски час е опција ако нема резултат од новите мерки


Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, предупредува дека со вакво непочитување на мерките  бројот на новозаболени ќе расте  и над 500-600, па и до 1 000 случаи дневно. Во моментов, како што вели, не се размислува за воведување полициски час, но доколку новите мерки не дадат резултати, вели, и тоа е опција

Засега ќе се предложат два сета мерки – оние со кои треба да се воведе задолжително носење маска и на отворено и да се забрани групирање во домовите, а за кои ќе се носат законски измени, како и нови рестрикции во јавниот превоз и ограничување на работата на угостителските објекти и одредени економски субјекти каде што се смета дека има ризик.Доколку новите мерки не допрат до ушите на народот и не се почитуваат, опција ќе биде и воведување полициски час.

„Комисијата за заразни болести предложи да се усвојат два сета мерки, едните ќе се усвојат следната недела преку собраниски измени и втор сет мерки коишто в понеделник ќе му ги презентираме на Главниот кризен штаб. Како комисија не сме ги исцрпиле сите мерки што може да се предложат. Во моментов само во Франција има полициски час, во ниту една европска држава нема таква мерка. Засега не размислуваме, но, доколку ништо од ова не се почитува, што ни останува понатаму?“, вели Караџовски.

Според Караџовски, во моментов се соочуваме со есенскиот бран на ковид-19, кој вели дека дошол малку порано бидејќи временските услови не се такви да имаме само групирање во затворен простор.Главен проблем вели дека се групирањата на забави и настани каде што не се носат маски и нема физичка дистанца.

„Анализата на епидемиолошките податоци во последните три дена, кога има драстично зголемен број на лица, укажува дека одредени настани се главниот промотор на поголем број случаи. Концерти, журки и сѐ она што го гледаме во јавноста. Групирањата и непочитување на мерките се причина за растот на заболени. Очигледно, во периодот што е зад нас тоа не се почитуваше и тоа е факт.Самите ако не си помогнеме, не можат да ни помогнат уште 20 болници, сето тоа брзо ќе се исполни. Непочитување на мерките ќе нѐ одведе до преполнување на болниците. Бројот на луѓето е ограничен, не можеме да измислиме нови епидемиолози, нови доктори. Бараме помош од сите“,рече Караџовски.

Денес министерот Венко Филипче напиша на Фејсбук дека ќе се ангажираат дури и студентите по медицина во битката со Ковид 19.