Карачиќ за последен пат се прости од „Црвено-црното“ семејство: Вардар засекогаш ќе биде во моето срце


Фото: Б.Грданоски - Дочек на шампионите

Игор Карачиќ по седум години минати во Скопје одлучи својата кариера да ја продолжи во редовите на полскиот великан Кјелце. Хрватскиот интернационалец е еден од оние кои одлучија да си заминат од Вардар по завршувањето на оваа сезона поради кризата која го стресе европскиот првак.

Карачиќ во Кјелце пристигнува како замена за Лука Циндриќ, неговиот репрезентативен и некогашен клупски колега од Вардар. Хрватскиот репрезентативец одлучи да си замине од Вардар и постигна договор со Кјелце пред да се појават информациите дека Вардар ќе се стабилизира по освојувањето на Лигата на шампионите.

Сепак, Хрватот не ги заборава своите соиграчи, навивачите и сите оние на кои црвено-црната боја им е при срцето, па преку својот Фејсбук профил испрати последна порака до сите Вардарци.

„Големо благодарам до клубот, играчите, а најмногу до навивачите кои беа покрај мене во оваа преубава приказна во Вардар. Засекогаш во моето срце“, гласи пораката на Карачиќ.