Капсулата на Спејс-Икс пристигна на МВС (видео)

Спејс-Икс завчера испрати четворица астронаути на НАСА со своја капсула до Меѓународната вселенска станица (МВС). Тие пристигнаа таму утрово.

Капсулата „Спејс-Икс кру драгон“ со четворица астронаути – тројца Американци и еден Јапонец – слета на МВС 27 часа откако беше лансирана од космодромот Кеј Канаверал на Флорида. При поврзувањето, „Кру драгон“ и МВС се движат со приближно иста брзина од околу 27.350 километри на час.

Вселенската станица е сателит-лабораторија која што орбитира на околу 400 километри над Земјата. Четворицата космонаути ќе престојуваат на неа следните шест месеци.

Одговорната на НАСА за патувања во Вселената, Кетрин Лудерс рече дека е горда на астронаутите. Екипажот е составен од командантот Мајк Хопкинс, двајца астронаути на НАСА – пилотот Виктор Гловер и физичарката Шенон Вокер и јапонскиот астронаут Соичи Ногучи, кому ова му е трето патување на МВС, по 2005 и 2009 година. Еден американски и двајца руски космонаути се веќе на станицата од претходната мисија.

„Кру драгон“ се градеше приближно десет години како дел од јавно-приватната програма на НАСА што започна 2011 година. Полетувањето во неделата ја означи првата оперативна мисија на Спејс-Икс во соработка со НАСА, откако минатото лето двајца американски астронаути заминаа на пробен лет.