Капиталните расходи не одат ни годинава: за три месеци реализирани само девет отсто
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска не е загрижена од овие податоци. Таа вели дека капиталните расходи се според очекуваното

За нешто повеќе од три месеци, од државниот буџет биле реализиарни само девет отсто од предвидените капитални расходи за годинава, покажува фискалниот бројач на интернет страницата на Министерството за финансии. Според овие податоци, заклучно со 8 април годинава преку Буџетот биле реализирани само 4,49 милијарди денари (или околу 73 милиони евра). За илустрација, во Буџетот за 2025 година, развојната компоненета се планирани 47,2 милијарди денари (или речиси 800 милиони евра), што претставува 4,6 отсто од БДП. Овие средства, како што беше образложено во декември лани при донесувањето на Буџетот за годинава, ќе бидат наменети за проекти кои треба да го поддржат економскиот раст и создавање на нови економски можности.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска не е загрижена од овие податоци. Таа вели дека капиталните расходи се според очекуваното.
„Реализацијата на капиталните расходи се одвива согласно планираното. Во јануари и февруари времето беше студено и веројатноста дека ќе има голема реализација на капитални расходи е минимална, бидејќи ние сме насочени повеќе кон инфраструктурни проекти. Очекувајте во периодот кој што следи да има поголема реализација“, изјави таа денеска одговарајќи на прашања на новинарите во рамки на одбележувањето на Денот на Царинската управа.

Таа вели дека ваквите показатели за капиталните расходи се резултат и на новата методологија во нивното евидентирање којашто може да се види во извршување на буџетот.
„Под табелата каде што се финансирањето и приливите и одливите ќе видите дека стојат и податоци за исплатените гаранции во име од некои од јавните претпријатија, акционерски друштва итн. , кои во минатото беа евидентирани како капитални расходи и како резултат на тоа имаше вештачка слика во однос на тоа што се случува“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека сега таквите податоци не се евидентираат како капитални расходи, туку одат под линијата, што значи дека кога би ги вратиле во евиденција над линијата реализацијата на капиталните расходи би била поголема во однос на изминатиот период.
„Што значи дека имаме реално поголема реализација во однос на претходната година од она што значи реална имплементација на капителен проект. Значи, не зборуваме за нешто што значи аванси, плаќање на гаранции за акционерски друштва и тн. Сето тоа е под линија“, вели министерката за финансии.
Таа додаде дека кога би се споредиле податоците може да се види дека има многу подобра реализација.
„Но, нема да дозволам како што беше во минатото и понатаму вештачки да ги прикажуваме капиталните приходи само да покажеме дека нешто работиме, а во суштина во изминатите седум години, ако излезевме на терен ќе видевме дека реализација на било каков проект не ни постоеше. Заради тоа пристапивме кон промена на методологијата“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа повторно нагласи дека во периодот што следи треба да се очекува многу поголема реализација на капиталните инвестиции и расходи во однос на претходниот период.
„Токму заради тоа што времето станува поубаво и има можност за посериозна реализација на инфраструктурните проекти“, рече таа.
Инаку, Владата речиси секојдневно промовира некој проект или функционери присуствуваат на сечење на ленти, но и покрај таквата претстава во јавноста, бројките покажуваат сосема поинаква слика.
Реализацијата на капиталните инвестиции во минатото беше омилена тема на ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција и постојано ја напаѓаше власта за слабиот процент на буџетските расходи предвидени за таа намена. Како по правило, откако немаше да се реализираат, капиталните расходи потоа со ребаланс на Буџетот, се пренаменуваа за други цели. Дали и овој пат ќе се случи истото, ќе се види можеби во наредните месеци, при ребаланост на Буџетот во втората половина на годината. (М.Ј.)