Капиталните инвестиции за пет месеци само 13,7 отсто


За пет месеци од годинава Владата успеала да потроши само 13,74 проценти од парите наменети за капитални инвестиции. Од предвидените 422 милиони евра за изградба на патишта, пруги, гасификација и други крупни инфраструктурни проекти, од јануари до мај биле платени на изведувачите само 58 милиони евра. Последниот извештај на Министерството за финансии покажува дека од месец во месец реализацијата на оваа ставка се зголемува. Првите пет месеци лани за капитални расходи биле потрошени 54,2 милиони евра.
Нискиот процент не го намалува оптимизмот кај владините министри. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на својот фејсбук профил денеска напиша дека во неговиот ресор бележат одлична реализација на капиталните инвестиции.
„Оваа 2019 година се собираат плодовите од затекнатите административни пречки од минатиот период. Заклучно со јуни реализираме 50 отсто од гасификацијата. Уште од сега со сигурност може да најавам 100 проценти исполнување на овој клучен проект. Изградбата на социјалните згради е 100 проценти реализација. Во моментов работиме на изградба и рехабилитација на 44 патишта или вкупно 550 километри. Течат 28 проекти за изградба на 187 киломтри комунална мрежа која ќе служи за 225 илјади жители. 2019 година е економска година. Зборот важи!“, пишува Сугарески. (А.С.)