Капиштец ќе се поднови со „Киро Глигоров“ – Модерно училиште за модерни генерации


Фото: Б. Грданоски

Околу 250 ученици од прво до петто одделение од септември ќе учат во новоизграденото основно училиште во Општина Центар, „Киро Глигоров“.

Ова е прво новоизградено училиште од 1969 година во скопската Општина Центар, кога со донација од швајцарската влада по катастрофалниот земјотрес било изградено училиштето „J.X. Песталоци“.

Иако со своите 12.000 жители е најголема населба во Центар, Капиштец немаше свое училиште. Поради тоа, голем број деца се принудени да одат во училиштата што се наоѓаат далеку од населбата. За да стигнат до најблиските училишта, мораат да поминуваат повеќе сообраќајници, со што е загрозена нивната безбедност.

Со изградбата на новото основно училиште, Капиштец добива модерна образовна установа на површина од 12.000 квадратни метри за 500 ученици, а новата учебна година во него ќе ја почнат 250 ученици, од кои најголемиот дел се првоодделенци. Другите се преместени од неколку училишта во Центар, затоа што им е поблиску до дома.

Фото: Б. Грданоски

– Училиштето ќе започне со работа од 4 септември, за кога е закажано свеченото отворање – велат од Општина Центар.

Оваа учебна година ќе ја започнат околу 250 ученици од прво до петто одделение, од кои три одделенија се првачиња. Учениците од второ до петто одделение се деца што живеат во реонот на новото училиште, а досега учеле во ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Ј.Х. Песталоци“ и други училишта. За учениците од прво до четврто одделение обезбедена е целодневна настава, односно дневен престој. Зградата е при крај и се очекува да биде целосно подготвена да ги прими своите први ученици.

– Техничкиот прием е поминат на 14 август годинава, а деновиве е поставен и дел од опремата (училишни клупи и столчиња) и паметни табли. Очекуваме да нема никакви проблеми и сите детали да бидат завршени до моментот на отворање – велат од Општина Центар.

Во училиштето има училници за одделенска и предметна настава, кабинети по биологија, физика, хемија, музичко и ликовно. Во склоп на училиштето во функција се и една спортска сала по ФИФА-стандарди и една гимнастичка сала.

Училиштето стартува со 16 наставници по одделенска настава, наставник по физичко и наставник по англиски јазик.

– Во очекување сме на согласности од Министерството за образование за техничкиот персонал, стручната служба и администрација. Од следната учебна 2020-2021 година ќе се вработат и наставници по предметна настава, во зависност од бројот на запишани ученици – додаваат од Центар.

Греењето на училиштето е централно и во основа ќе биде подно греење.

Анкетата за името на училиштето ја спроведе Општина Центар, при што граѓаните што гласаа одлучија тоа да се вика „Киро Глигоров“, а на предлог на МОН, Владата усвои информација и даде позитивно мислење за основање на ново општинско основно училиште во Општина Центар. Финансирањето на изградбата на училиштето е целосно покриено од Општина Центар. Дел од средствата се сопствени, а дел од средствата се со кредит од Европската банка за обнова и развој и чини нешто повеќе од 5,5 милиони евра.

Училиштето во Капиштец почна да се гради во октомври 2016 година, кога градоначалник беше Андреј Жерновски.