Капетановиќ: Иднината на Југоисточна Европа зависи од соработката и споделената одговорност

– Прегледот на тековните напори за регионалната соработка и идните приоритети, со посебен фокус на имплементацијата на Стратегијата 2030 за Југоисточна Европа (СEE2030), беа главна тема на брифингот во Брисел на генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РЦЦ), Амер Капетановиќ со амбасадорите во ЕУ на државите вклучени во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), меѓу кои е и земјава.
– Нашата Стратегија СЕЕ2030 не е само документ, туку покрив што ги обединува заедничките аспирации на регионот. Таа ги обединува 13-те учеснички на ПСЈИЕ во околу 45 конкретни развојни цели, базирани на Целите за одржлив развој на ОН. Во време кога кризите стануваат норма, СEE2030 е потсетник дека нашата иднина зависи од соработката, споделената одговорност и стратешката отпорност, изјави Капетановиќ.
Тој потенцира дека Стратегијата 2030 за Југоисточна Европа претставува заедничка заложба на сите 13 земји учеснички во Процесот за одржлив, инклузивен и паметен развој на регионот.
Капетановиќ ги истакна синергиите помеѓу Стратегијата, Заедничкиот регионален пазар 2025-2028 и Зелената агенда за Западен Балкан и ја потенцираше важноста од усогласување на овие регионални рамки за да се испорача мерлив напредок за граѓаните, бизнисите и институциите.
Амбасадорите, од своја страна, изразија силна поддршка за напорите на РЦЦ, нагласувајќи ја неговата клучна улога во трансформацијата на заедничките регионални цели во конкретни дела. Тие го поздравија напредокот постигнат преку Стратегијата и другите стратешки рамки и го охрабрија РЦЦ да продолжи со својот инклузивен и визионерски пристап во адресирањето на клучните развојни предизвици во регионот.
На брифингот стана збор и за клучните иницијативи РЦЦ, меѓу кои и лансирањето на Заедничкиот регионален пазар 2.0, како патека за интеграција на регионалниот во Единствениот европски пазар, потоа заложбите за зголемена регионална мобилност и признавање на професионални квалификации, дигиталната трансформација преку Декларацијата за роаминг и усогласување со дигиталните политики на ЕУ и зајакнувањето на климатската отпорност преку воспоставување на Регионална мрежа за осигурување од катастрофи и изработка на Патоказ за климатска адаптација.
Капетановиќ, исто така, ги информираше амбасадорите за подготовките на претстојниот Самит на Берлинскиот процес во Велика Британија, предвиден за на есен, на кој земјите од регионот ќе треба да ги презентираат резултатите од спроведените реформи и регионалната солидарност.