Капацитетот на битолската болница со пациенти со корона е целосно исполнет


Поради скандалот во одделението за гинекологија во Битолската болница полиција поднесе кривични пријави за лекарите до oбвинителството

Директорката на болницата вели дека не е загрозена работата и покрај зголемениот број хоспитализирани од Ковид-19

 

Битола – Не е загрозена работата на битолската Клиничка болница и покрај тоа што е исполнет капацитетот на хоспитализирани пациенти, а од утре се зголемува тимот на здравствени работници во ковид зоната, изјави за „Независен“ директорката на болницата д-р Билјана Гагачовска.

„Во моментот се згрижени 20 ковид позитивни пациенти во нашиот центар, но тоа не ја загрозува нашата работа, бидејќи тие ни се планираните капацитети кои во моментот се пополнети. Од утре новите пациенти со Ковид-19 од регионот, на кои им е потребна хоспитализација, ќе се згрижуваат во охридската болница, каде исто така е подготвено инфективното одделение и има респиратори на располагање. Ова е голем предизвик со кој што инфектолозите од битолската Клиничка болница успешно се справуваат, додека  во другиот дел од болницата редовно си тече работата и нема застој“, изјави  д-р Гагачовска.

Од вкупно хоспитализираните 20 ковид позитивни пациенти еден од нив е од Битола,  еден од Ресен, а 18 пациенти се од охридско-струшкиот регион. Во исто време се хоспитализирани уште тројца суспектни пациенти. Пациентите се во средно тешка здравствена состојба, но стабилни, а двајца од нив се на кислородна поддршка. Во Битола нема поставено шациент на респиратор.

Директорката д-р Гагачовска вели дека во ковид зоната во Битола се работи во тимови, вклучени се четворица специјалисти инфектолози и осум медицински сестри, како и еден инфектолог кој што работи и тријажира во претпладневната смена на Инфектолошката амбуланта со тимот медицински сестри, а попладне во делот на тријажата се  вклучени лекарите од одделението за пнеумофтизиологија.

Според нејзините најави од утре во тимот кој работи во ковид зоната во Битола ќе бидат вклучени уште четири медицински сестри, а ако има потреба ќе се вклучат и други  лекари. (А.Б.)