Кандидатурата за претседавање со ОБСЕ ќе биде на дневен ред на декемврискиот состанок на Организацијата

На предлог на Министерството за надворешни работи, а со одлука на Владата, Република Северна Македонија поднесе кандидатура за претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција соопшти дека денеска со писмо го известил премиреот на Албанија Еди Рама, сегашен претседавач на ОБСЕ, со што и формално нашата кандидатура ќе биде ставена на дневен ред на декемврискот состанок на Организацијата.

Тој истакна дека земјава во последните неколу години постигна голем напредок во насока на целосно почитување на заедничките вредности врз кои почива ОБСЕ, како што се човековите права, демократијата, владеењето на правото и развојот на моделот на меѓуетничките односи што, како што рече, се констатирани и во сите релевантни меѓународни извештаи.

Пред еден месец одбележавме 25 години од нашето членство во ОБСЕ и иако веќе две и пол децении сме полноправна членка, рече Османи, досега не сме покажале амбиција, најмногу поради фокусот врз сопствените приоритети на патот кон НАТО и Европската Унија.

– Со оглед дека веќе се донесени одлуките за следните претседавачи Шведска и Полска, нашиот таргет падна на кандидатура  да станеме дел од триото за претседавање на Организацијата како најбрза краткорочна опција. Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија како конструктивен актер и контрибутор во промоција на заложбите на ОБСЕ, а  индиректно ќе се создаде и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја членка на НАТО и идна земја членка на ЕУ, истакна министерот за надворешни работи.

Како земја претседавач, нагласи Османи, нашата земја би придонела за натамошно промовирање и унапредување на  вредностите и принципите на Организацијата, креирајќи притоа простор за реализација на сопствените меѓународни политички приоритети, но и можност зе етаблирање на Република Северна Македонија како активен чинител во сферата на регионалната безбедност и.соработка.

– Тоа значи и можност за зголемување на поддршката на јавното мислење во ЕУ во процесот на пристапување во рамки на претстојниот процес на преговори за полноправно членство, но и за изградба на репутација и на политички бренд на државата како стабилен меѓународен фактор и силен поддржувач на мултилатерализмот, што е еден од приоритетите на надворешната политика во овој мандат, додаде шефот на дипломатијата.