Кандидатите за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ги претставија нивните кандидатури


Осум кандидати кои се пријавиле за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ги претставија нивните кандидатури. На седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска одговараа на прашања поврзани со нивната кандидатура од пратениците и претставници на невладиниот сектор.

Во првиот дел се претставија двајца кандидати Давид Тасевски, дипломиран психолог и магистер на психолошки науки од Скопје и Тања Кикеркова, дипломиран правник од Скопје. По паузата своите кандидатури ги образложија и останатите.

Миле Стојановски, дипломиран правник од село Миладиновци Општина Илинден во образложението на кандидатурата кажа дека има над 20 годишно искуство во работата и креирање на трудови политики. Тој работел како државен трудов инспектор, а сега е државен советник за креирање на прекршочни политики во МТСП.

Во одговорите на прашањата, напомена дека договорот за вработување на определено време е дискриминација, а на лицата кои се вработени по тој основ не им се овозможува породилното отсуство во целост со актуелната легислатива.

Според него, со проблем се соочуваат и професионалните војници, бидејќи, како што кажа, тоа е лошо воспоставена пракса. Па така, овие лица се ставени во подредена состојба и спорна е нивната кредитна способност. Тој доколку биде избран ќе работи на делување на измени во таа област и решавање на проблемите кои се појавуваат.

Наташа Амдију, дипломиран правник и магистер на правни науки од Скопје напомена дека има 20 годишно искуство во областа на човековите права како активист во граѓанскиот сектор и здружението „Полио плус“. Таа во одговорите низ дискусијата за нејзината кандидатура, напомена дека жали што нема апликанти кои се лица со попреченост и дека тие се соочуваат со бариери. Како иден член ќе работи на јакнење на капацитетите на јавниот сектор и примена на обврските и подобрување на состојбата на лицата со попреченост. Таа ќе се залага за формирање на центар за обука за справување со дискриминација и зголемување на буџетот на комисијата за да се реализираат активностите.

Вецко Здравески, дипломиран политиколог од Кичево во претставувањето кажа дека бил во Комисијата за верификација на фактите и дека во неговото делување за повеќе од осум години увидел дискриминација по основ на политичка, идеолошка и партиска ориентација. Според него, случаите на дискриминација во процесот на лустрација треба да се разгледуваат во комисијата. На прашање, дали здравствен работник може да одбие да лекува заболен од ХИВ, посочи дека тоа не е во ред и дека не треба да го има. Тој посочи и пример на дискриминација од безбедносните служби на поранешниот систем и посочи дека и покрај тоа едно лице што се отселило во седумдесеттите години од минатиот век, бил следен, а тоа продолжило и кога лицето го променило полот. Смета дека спроведувањето на законите, правилниците кои ја уредуваат оваа област ќе биде добра основа за негово делување.

Весна Марковска, дипломиран правник и магистер по правни науки од Скопје, напомена дека има искуство во судството и во нејзината работа имала примери кога ги почитувала правата на маргинализираните групи. Таа моментно е раководител на одделение во Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем. Во одговорите за интерсекциска дискриминација, таа смета дека тоа е потежок вид и во нашата држава треба да се посвети повеќе внимание на овој вид на дискриминација. Според неа, при постапување во случаи и претставки во кои се инволвирани нејзини познати или роднини, таа ќе побара изземање како член на комисијата. Именувањето во комисијата го смета како предизвик да делува повеќе во справувањето со дискриминацијата.

Горан Нешевски, дипломиран правник од Скопје во претставувањето кажа дека има повеќе од 12 години работно искуство во областа на правото поврзана со унапредување и заштита на човековите права и слободи и недискриминација. Тој во моментов работи како раководител на одделение за заштита од дискриминација во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Нешевски посочи дека имал ангажман во активности од областа на работните односи и работничките права како човекови права, колективни права во делот на еднаквоста и недискриминацијата. Учествувал во подготовка на стратешки документи од областа на недискриминацијата во делот за еднаквост на жени и мажи и запазување на принципот на еднаквост во вработувањето и работните односи. Тој би се заложил за проактивна улога на комисијата и непристрасно одлучување. Како иден член смета дека работното искуството во стручно тело во комисијата го смета за предност во одлучувањето и објективноста.

Кандидатката Ленче Коцевска, дипломиран правник од Скопје, кажа дека е државен советник за креирање и развој на политики од областа на трудовото право во Министерството за економија и труд. Таа имала искуство како застапник во случаи на трговија со луѓе и давала правна помош. Коцевска е автор и коавтор на стручни трудови, правни анализи извештаи од областа на дискриминацијата. Таа била член на Комисија за заштита од дискриминација во периодот од 2010 до 2015 година и имала искуство со справување на случаи со дискриминација на ЛГБТ заедницата во учебници. Коцевска би се заложила за справување со системската дискриминација врз лицата со попреченост и градежните бариерите и подобрување на условите на нивните работни места. Таа ќе се залага за спроведување на позитивните практики од земјите во регионот и за создавање на регистар со судски случаи кои третираат облици на дискриминација и за заштита на жената во период на бременост и раѓање.