Кандидатите за градоначалници ги добија редните броеви на гласачките ливчиња за претстојните избори во овие четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница го утврди редоследот на гласачкото ливче за повторените локални избори во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше.
На претстојните локални избори кои ќе се одржат на 11 јануари, идната година ВРЕДИ ќе биде под реден број 1, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ под реден број 2, НАИ под број 3, Коалицијата предводена од СДСМ под број 4, група избирачи подносител, Зулхајрат Демири под реден број 5 и Демократска партија на Турците во Македонија под реден број 6.
Претходно, како што наведе претседателот на ДИК, Борис Кондарко, општинските изборни комисии ги потврдиле листите за изборите.
На денешната седница беше донесена и одлука за објавување на описите на избирачките места, согласно законските обврски за повторените избори и согласно роковникот кои ќе се објават на официјалната страна за да бидат достапни за граѓаните и јавноста навреме да се информира.
-Со цел, да се информираат граѓаните, да можат да го остварат своето право на глас, за избирачките места, иако во скоро време имавме избори, ова се повторени, локациите не се променети, но законската обврска е да го направиме и објавиме заради остварување на правата на граѓаните и навремено информирање за изборите на 11 јануари, рече Кондарко.