Канадскиот премиер Трудо во изолација по контакт со заразено лице со Ковид


Премиерот на Канада Џастин Трудо се изолирал откако дознал дека бил во контакт со лице заразено со Ковид-19. Информацијата ја објави Трудо на својот Твитер профил.

„Синоќа дознав дека сум бил во контакт со лице заразено со Ковид-. Резултатот од мојот брз тест беше негативен. Ги следам упатствата на Одделот за здравство во Отава и ќе бидам изолиран пет дена“, напиша Трудо.

Во државата има над 250 илјди активни случаи на заразени. Со две дози е вакцинирано 87 отсто од населението во Канада.

Во меѓувреме, конвој камионџии што треба да дојдат во Отава во знак на протест против вакцинацијата за возачи кои преминуваат граница ја поттикна канадската полиција да се подготви за можно насилство, а политичарите предупредуваат за ескалацијата на реториката поврзана со демонстрациите.

Началникот на полицијата во Отава, Питер Слоли, рече дека полицајците биле во контакт со водачите на протестите за кои нагласи дека соработуваат и ги споделувале нивните планови. Но, заменик-началникот Стив Бел изрази загриженост за „паралелни групи“ за кои разузнавачките служби сугерираат дека исто така ќе се појават на протестот.

Камионџиите протестираат против новиот услов камионџиите кои влегуваат во Канада да бидат целосно имунизирани од 15 јануари. САД го наметнаа истото барање за камионџиите кои влегуваат во таа земја. Канадската алијанса на превозници со камиони процени дека околу 15 отсто камионџии во Канада – дури 16.000 – не се целосно вакцинирани против Ковид-19.