Канадската полиција ги отстранува демонстрантите од границата со САД


Канадската полиција денеска почна да ги отстранува демонстрантите од мостот Амбасадор, што е лоциран на границата помеѓу Канада и САД.

Демонстрантите шести ден го блокираат мостот Амбасадор поради епидемиолошките мерки воведени поради Ковид-19. Мостот Амбасадор е еден од најфреквентните гранични премини, а поради неговата блокада прекината е трговијата помеѓу Канада и САД.

Судот во Онтарио вчера нареди деблокирање на сообраќајот на копнената граница меѓу САД и Канада. Преку мостот Амбасадор секој ден минуваат околу 40.000 луѓе и се превезува стока во вредност од 323 милиони долари. Петнаесет камиони и автомобили го блокираат сообраќајот во двата правци, а со тоа и синџирите за снабдување на автомобилската индустрија во Детроит.

Во Канада веќе трета недела се одржуваат демонстрации против строгите епидемиолошки мерки и против задолжителната вакцинација против Ковид-19. Протести под мотото Конвојот на слободата беа иницирани од возачи на камиони во главниот град Отава кои се противат на правилото за задолжителен карантин или вакцинација за преминување на границата.