Канада видена со македонски очи – премиера на “Торонто експрес“ во МНТ


„На све може да се навикнеш, и на ракуни и на творови, и на пензија без работен стаж и на бесплатно здравство…, само на едно не можеш, на носталгија… “, ќе ви каже Божо Вампирот (Александар Микиќ), емигрант кој по долги години се враќа од Торонто во Скопје.

Дојден во својот роден град, поточно во Македонскиот народен театар за да ја презентира оваа ветена земја пред своите сонародници и да им помогне во добивање на иселеничка виза со мотото „На чекор до својот сон“, тој “изворно“ ги раскажува сите потребни детали за Канада, секако, видена со македонски очи. Во час и петнаесет минути Божо Вампирот, главниот лик на најновата претставата на МНТ „Торонто експрес“, ќе ги опфати сите податоци кои на еден Македонец му се битни за да се приспособи во оваа земја во која луѓето „не се нормални колку многу се организирани“ и во која сè е големо.

 

Претставата чија најава привлече големо внимание во јавноста, е работена според мотиви од истоимената книга на Зоран Спасов Ѕоф (апдејт на “Тибам штркот“), пишувана на скопски сленг, режијата е на Јордан Симонов, а Божо Вампирот, ликот, во кој ќе се препознаат многумина наши печалбари, синоќа на премиерата во МНТ одлично го долови Александар Микиќ. Следната претстава е на 20 овој месец.