„Канабис индекс“ на берзата во Тел Авив за компании за истражување медицински канабис


Берзата во Тел Авив во понеделникот воведе нов индекс, составен од акции на девет компании кои се занимаваат со истражување и производство на марихуана за медицински цели.

Новиот индекс вклучува девет компании кои првенствено се занимаваат со истражување, одгледување, продажба или производство и дистрибуција на производи од медицински канабис, соопшти берзата.

Индексот има релативно мала пазарна вредност, од само 1,7 милијарди шекели (529 милиони американски долари) и е воведен за да укаже на нови трендови, посочуваат тие.

Исто така, треба да послужи како „репер за активни мешани фондови кои нудат можност за инвестирање во нов, брзорастечки сектор“, се вели во соопштението.

Израел е водечка земја во светот во истражувањето на марихуаната и владата исто така го одобри извозот на медицински канабис оваа година, што се очекува да донесе приход од стотици милиони долари.