Кан не може без Моника Белучи: Диор за црвен килим


Франција- Обожавана и од Фрацузите и од Италијанците, Моника Белучи се појави на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал во друштво на режисерот Клод Лелуш за премиерата на новиот филм „Les plus belles années d’une vie“.

Убавата глумица и во петтата деценија, носеше црн фустан со длабоко деколте од „диор“, додека изгледот е заокружен со впечатлив ѓердан во форма на сребрено-зелен алигатор од Картие.

На Канскиот фестивал, Белучи пристигнала сама, без нејзиниот вереник Николас Лефевре.

Новиот филм на Лелуш, по премиерата во Кан, ќе се прикажува во француските кино-сали на 22 мај.

Инаку, Холивуд и Боливуд, се преселија во Кан, завчера, на престижниот црвен килим на Канскиот филмски фестивал кој ќе таре до 25 мај.

Со премиерата на комедијата на американскиот режисер Џим Џармуш „Мртвите не умираат“ беше отворен 72. Кански фестивал, со чие жири претседава оскаровецот Алехандро Ињариту.  Свое деби на Канскиот фестивал ќе има филмот на Квентин Тарантино „Си беше еднаш во Холивуд“, во кој главни улоги имаат Леонардо ДиКаприо, Бред Пит и Маргот Роби. На Фестивалот деби ќе има и биографскиот филм посветен на Елтон Џон „Рокетмен“.

На завршницата, 25 мај ќе се прогласи добитникот на Златната палма. Во жирито се и актерката Ел Фанинг и Маимоуна Н`Диаје од Буркина Фасо, како и режисерите Аличе Рохвафер, Енки Билал и Робин Кампиљо, Кели Рајхард и Јоргос Лантимос.

Златната палма за животно дело годинава оди во рацете на актерската икона Ален Делон. Роден во 1953 година, Делон на филмското платно е од доцните 50-ти години, од кога сними повеќе од 80 филмови. Тој спаѓа меѓу најголемите актери на европската кинематографија. Наградата се доделува за „фантастичната присутност на легандарниот глумец во историјата на филмот“, соопштија од Фестивалот.

Во натпреварувачкиот дел годинава ќе има четири филма зад кои стојат жени. Еден германски весник тоа го опиша како „голема феминистичка офанзива“, со оглед на тоа дека за Канскиот фестивал тоа е многу. Овој фестивал, помалку важи за „машки клуб“, поради што минатата година 82 жени протестираа на славниот фестивалски црвен килим.

Во натпреварувачката програма за Златна палма се тркаат над 20 филма. Шпанскиот велемајстор Педро Алмадовар ќе ја презентира својата нова мелодрама, од Белгија пристигнуваат двојните добитници на Златна палма Жан-Пјер и Лук Дарден. Од Велика Британија пристигнува ветеранот кен Лоач, од САД Теренс Mалик, од канада режисерското „чудо од дете“ Ксавиер Долан. Во конкуренција се и филмови од Кина и Јужна Кореја, Бразил, како и  францускиот режисер Абделатиф Кешиш кој со највисокото признание се закити во 2013 година.

Канскиот фестивал е основан во 1946 година. Тој претставува еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали на светско ниво, а се одржува во Палатата на фестивалите и конгресмените.