Кан 2019: Енди Мекдауел во креација на нашиот Тони Матичевски


Франција– Актерката Енди Мекдауел (61) , ѕвездата на „ Четири свадби и погреб“ од 1994 година, на црвениот килим во Кан прошета во необична креација на австралискиот дизајнер со македонско потекло Тони Матичевски.

Матичевски долги години е еден од најпознатите дизајнери во Австралија, а негови креации носат некои од најстилските жени на денешницата меѓу кои и Џенифер Лопез, принцезата Дина Абдулазиз, Хајди Клум, Бијонсе, Џејми Кинг…

Откако го завршил образованието на престижниот кралски институт во Мелбурн како еден од најдобрите студенти во генерацијата, тој добил понуда да работи во престижната модна куќа „Дона Каран“ во Њујорк, но без размислување ја обил понудата.

Наместо тоа, тој се преселил во Париз каде две сезони работел за „Черути“, а неколку години подоцна се враќа во Мелбурн каде е решен да основа сопствен бренд кој ќе нуди малку поинаква мода за жени.

Матичевски има македонско потекло. Роден е во Мелбурн каде неговите родители се преселиле во 70 – тите.

„Ги облекувам славните, но без надомест. Тоа стана пракса на дизајнерските куќи кои имаат и линии на висока мода. Имам среќа дури и оние дами кои имаат договор со некои познати куќи, повторно да ме бараат мене, бидејќи им се допаѓа како им стои она што јас го правам. Тоа е за мене победа, кога некој самоволно ќе ги одбере моите креации, без никаков договор. Можеби сум малку оптимистичен, но желбата да носите нешто во кое ќе се чувствувате убаво е посилна од било кои пари“, вели дизајнерот.