Кампањата почнува на 23 март, кандидатите за пратеници ќе се знаат до 12 март


До 12 март на полноќ ќе бидат познати кандидатите за пратеници кои политичките партии ќе ги кандидираат за парламентарните избори што треба да се одржат на 12 април оваа година. Според роковникот на Државната изборна комисија, кој беше утврден на синоќешната седница, ова е крајниот рок до кога партиите ќе треба да ги достават изборните листи за шесте изборни единици.

Изборната кампања која трае 20 дена, според роковникот на ДИК ќе започне на 23 март, а завршува на 10 април на полноќ.

Најдоцна десет дена од распишувањето на изборите, ДИК треба избирачкиот список да го стави на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена, почнувајќи од 26 февруари, се до 11 март. Во овој период граѓаните можат да ги достават барањата за промена на податоците во Избирачкиот список.