Кампањата на Силјановска ќе оди со слоганот „Македонија повторно горда“


Гордана Силјановска-Давкова на промоцијата на слоганот за кампањата

 

Кампањата на Гордана Силјановска-Давкова за претседателските избори ќе оди под слоганот „Македонија повторно горда“. Тоа го обави денеска самата Силјановска-Давкова на промоцијата. Според неа, слоганот произлегол од „хроничната и акутна состојба со македонска демократија“ што зборува за слаба држава или држава во пропаѓање.

„Кога велам ‘Македонија повторно горда’, пред сè мислам на граѓаните, повторно горди. Причината е да се врати надежта, причината е да се врати довербата во демократијата, причината е нацијата повторно да знае дека сите во политиката, вклучувајќи ги и шефот на државата или претседателката на државата, имаат обврска во секој свој чекор и потег да се водат од националните односно од државните интереси“, рече Силјановска-Давкова на промоцијата.

„Ако сами не се почитуваме, не треба и не можеме да очекуваме почит однадвор, ако сами немаме самодоверба, нема да ни веруваат. Овие луѓе не заслужуваат доверба, знаат дека тоа не го заслужуваат и немаат ни самопочит. Затоа, мислам дека е време за длабоки промени и реформи. Тогаш малото нема да биде грдо, малото ќе биде убаво. Малите држави се исто така актери во меѓународната политика и ако ние на вистински позиции ги одбереме вистинските луѓе односот кон нас ќе се смени“, рече кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.