Кампањата е во полн ек, но изборите ќе почекаат


На неколку стотина метри оддалеченост во центарот на главниот град и речиси во исто време, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски ги промовираа вчера партиските кампањи кои и на власта и на опозицијата треба да им обезбедат понепосреден контакт со граѓаните и увид во нивните секојдневни проблеми, за што би биле предвидени решенија во новите партиски програми.
СДСМ ја заокружува летната партиска кампања „Маалски среди со граѓаните“ и од овој викенд почнува нов проект насловен „На прав пат“, чие лого ќе биде во црвено-бела боја, односно во боите на Партијата на европските социјалисти. Во рамки на новата кампања, предвидени се десетина трибини во поголемите градови и уште триесетина помали трибини. Паралелно стартува проектот „Од врата до врата“. Оваа кампања ќе се реализира преку општинските организации на партијата и партиските комисии, така што ќе се скенираат состојбите во сите области од општественото живеење и од аспект на тоа што е сработено во последните две години, откако партијата ја презема власта, но и во функција на собирање идеи за новата партиска програма. Во функција на новата кампања, за која Николовски вели дека не е предизборна, ама дека партијата во секое време е подготвена за избори, се ставаат и сите кадровски потенцијали на СДСМ. Освен комисиите, се активира и партискиот Центар за аналитика, преку кој, меѓу другото, ќе се анализира нивото на реализација на програмата „Живот за Македонија“.
Додека Николовски на брифинг со новинари ги презентираше следните активности на владејачката партија, Мицкоски во партиското седиште одржа прес-конференција на која соопшти дека исто така ги мобилизира сите структури во и околу ВМРО-ДПМНЕ, во функција на неодамна почнатата кампања „Разговори за обнова на Македонија. Партијата, како што објави Мицкоски, формирала и тим за обнова на Македонија, составен, како што наведе, од професионалци и од натпартиски личности. Во тимот се 16 лица, ангажирани во различни области, меѓу кои се и двајцата поранешни претседателски кандидати на ВМРО-ДПМНЕ: Сашко Кедев, кој во 2004 година му беше противкандидат на Бранко Црвенковски е ангажиран како стратешки соработник на Мицкоски за здравствени политики; Гордана Силјановска-Давкова, пак, која учествуваше на годинешниве претседателски избори, влегува во тимот на Мицкоски, како стратешки соработник на Мицкоски за право и политички систем.
Во меѓувреме, во своевидна кампања влезе и новиот претседател Стево Пендаровски. Неговиот проект се вика „Лице в лице“ и, како што појаснуваат од претседателскиот кабинет, тој е инициран во изборната програма на Пендаровски. Целта е, преку посети на населените места во Северна Македонија, шефот на државата да се сретне со што е можно повеќе граѓани и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и идеи за нивно надминување. Во рамки на оваа кампања, Пендаровски деновиве беше во Кочани, каде што беше во библиотека, присуствуваше на тренинг на фудбалскиот клуб „Осогово“, садеше дрвца и беше во обиколка на неколку фирми…
Игор Атанасов, експерт за маркетинг-комуникации, за проектот „Лице в лице“ вели дека е сосема нов пристап од позиција на претседател. Оценува дека овој пристап е симпатичен и интересен, барем засега.
– Ова во голема мерка ги засенува активностите на партиите бидејќи и самиот претседател добива многу медиумско внимание, но е и многу активен на социјалните мрежи. Оттука мислам дека политичките партии имаат огромен предизвик како нивните активности на терен да бидат поинакви, поразлични и внимателно испланирани – вели Атанасов.
Тој оценува дека во последниот период владејачките и опозициските партии како да почнаа да се натпреваруваат кој ќе помине повеќе време со граѓаните на терен. Нагласува дека кај СДСМ е видлива разликата во комуницирањето со јавноста по доаѓањето на новиот генерален секретар на партијата.
– По доаѓањето на Николовски, активностите во партијата како да добија на динамика, но и на спонтаност. Политичките функционери сега може да се видат и на партиски состаноци, но и на разни прослави и локални манифестации. Почнуваме да ги гледаме политичарите во некое понеформално светло, што во крајна линија е и убаво и промена за сите нас, бидејќи, нели, тие се од народот и треба да работат за народот – вели Атанасов.
За опозициската партија тој вели дека се труди да му парира на конкурентот, ама дека во ВМРО-ДПМНЕ треба да избегнуваат сценариски лошо одработените прес-конференции со доза на драматика и појавување пред камера со неизвежбани текстови. Време е, како што вели, и тие да излезат на терен, каде што нема екрани, камери и напишани текстови.
– Двете страни се борат со исти средства, но со различни емоции и чувства. ова ни е ништо ново само што успехот овде е на оној кој знае да комуницира со народот, кој знае како да се постави и како да се доближи до народот. Во принципот ние не сакаме ненајавени гости, така оној што ќе дојде треба да е умешен за неговото присуство да не го сфатиме погрешно – објаснува Атанасов.
Исто така, тој посочува дека средбите лице в лице се и начин да се ублажи и амортизира штетата што ја предизвикуваат лажните вести и дезинформации.
Иако политичките кампањи се во полн ек – во период кога се одбројува до последната година од регуларниот мандат на овој собраниски состав, засега се мали шансите за вонредни парламентарни избори. Генералниот секретар на СДСМ, Николовски, оцени вчера дека октомври следната година е најдобар термин за парламентарни избори, пред сè и заради спроведување на пописот, измените во изборната регулатива и евроатлантските процеси. Наспроти тоа, опозицискиот лидер Мицкоски вели дека би било добро за државата и мудро од страна на премиерот Заев да прифати предвремени избори во март. Според Мицкоски, веднаш по одлуката на Европскиот совет за тоа дали ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, треба да се формира техничка влада и да се подготват институциите за одржување предвремени парламентарни избори.

Тимот за обнова како влада во сенка

Промовирајќи ги 16 члена во т.н. тим за обнова на Македонија, Мицкоски презентираше и цели биографии на оние што, како што рече, ќе бидат негови советници. Покрај поранешните претседателски кандидати Силјановска и Кедев, во тимот има и други познати имиња, како и лица што фигурираа во здруженијата што ги формираше ВМРО-ДПМНЕ и кои се спротивставуваа на т.н. „тиранска платформа“, но и на формирањето на новата влада на СДСМ и на ДУИ.
Оперскиот пејач Игор Дурловски, кој беше единствен ослободен од вина за настаните во парламентот на 27 април, ќе му биде стратешки соработник на Мицкоски за прашања од областа на културата. Борко Ристовски, голманот на македонската репрезентација во ракомет, ќе биде соработник за спорт, а професорот Александар Климовски ќе биде стратешки соработник за прашања од областа на корпоративното право. За прашања од областа на банкарската политика со Мицкоски ќе соработува Коста Митровски, до скоро претседател на Македонската банкарска асоцијација. Меѓу соработниците на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се и Хозе Караско, Јанко Баждавела, Влатко Гигов, за кои се посочува дека живеат и работат надвор од земјава. Во тимот за обнова се и Владимир Дуковски, Сања Божиновска, Ака Махмуд, Лазар Јовески, Зоран Марков, Гоце Наумовски и Гоце Андреевски, сите тие се ангажирани на различни проблематики.
Иако вака составената листа на соработници наликува на влада во сенка, само што нема имиња од партискиот врв, Мицкоски изјави вчера дека тимот за обнова ќе биде јадрото кое ќе гарантира решавање на проблемите на државата и на граѓаните.
– Овој тим е составен од професори, доктори на наука, успешни менаџери, експерти и одлични аналитичари, образувани на престижни меѓународни универзитети и со деловни и работни успеси во врвните економии во светот, спој од напредната македонска интелигенција, но и дел од странци со исклучителни знаења. Тимот е составен од натпартиски личности, со кои не поврзува родољубието, патриотизмот и желбата да се помогне во обновата на Македонија – рече Мицкоски.  (А.М.М. – Г.А.)