Кампања за заштита на водоснабдителниот систем „Биди одговорен, однесувај се совесно“

Фото: Б. Грданоски

Рационалната употреба на водата го заштитува не само водоснабдителниот систем, туку и правото на секој граѓанин за нормално водоснабдување, посочуваат од јавото претпријатие „Водовод и канализација“-Скопје, како дел од кампањата за заштита на водоснабдителниот систем „Биди одговорен, однесувај се совесно“.

Истакнуваат дека нерационалната употреба и злоупотреба преку диви приклучоци и неконтролирана употреба на водата придонесуваат до исцрпување на изворите и нарушување на системот за водоснабдување. Дивите приклучоци, посочуваат, се забранети со Закон.

– Климатските промени делуваат на природата и природните извори, како што е изворот Рашче. Зголемените температури, сушните периоди без дожд и снег придонесуваат за намалување на нивоата на природните извори. Наша должност е да одлучиме да бидеме одговорни и да се однесуваме совесно во насока на рационална и разумна употреба на водата, за да има за сите, денес, утре и во иднина, велат од претпријатието.

Злоупотреба на водоснабдителниот и канализацискиот систем, како што информираат, може да се пријави на 02 3073 010, Дежурно Информативен Центар; 02 3240 300, Дирекција – kontakt@vodovod-skopje.com.mk или на www.vodovod-skopje.com.mk – www.facebook.com/jpvodovod.skopje.