Кампања за правилно одлагање на кабаст отпад


Kампања за правилно постапување со кабастиот отпад на територијата на Општина карпош почнаа денеска директорот на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, Абдусамед Шабани и градоначалникот на Oпштината Карпош, Стефан Богоев, во Центарот за селекција на отпадот во Карпош.

– Во Центарот за селекција на отпад на ЈП КХС, на бул. „Илинден“, позади бензинската пумпа на „Макпетрол“ можете да го одложите вашиот кабаст отпад (застарен мебел, електричен и електронски отпад) – најави градоначалникот Богоев.

Исто така, граѓаните може да се јават на телефонскиот број 0800 – 222 – 33 за одлагање на кабаст отпад од нвниот дом.
– Ја започнуваме информативната кампања за правилно одлагање на отпадот, а ги интензивираме и контролите. Десет вработени од УЗ добија овластување за комунални редари и право да ги казнуваат загадувачите.
Сите носиме одговорност за чист Карпош – вели Богоев.

Шабани и Богоев ги информираа граѓаните дека кабастиот отпад, во којшто спаѓа стариот мебел, електронската и електричната опрема, не смее да се одлага на јавни површини, како и за можноста овој вид отпад да се одложи во Центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, без плаќање паричен надоместок.

– Нашата соработка со општината Карпош претставува само дел од кампањата што ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје ја започна за подигнување на јавната свест за важноста и значењето на правилното одлагање на отпадот. Во оваа прилика им се заблагодаруваме на сите јавни личности што прифатија да учествуваат во нашата кампања и да ја пренесат пораката до граѓаните дека секое несовесно и неправилно одлагање отпад на јавни површини резултира со создавање диви депонии што ја загадуваат животната средина. Ги поттикнуваме жителите на Карпош да ја користат можноста за бесплатно одлагање на кабастиот отпад во овој Центар што се наоѓа токму во нивната општина и на тој начин да придонесат за одржување на чиста и здрава околина – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.