Кампања пред кампањата: Главни теми (не)почитувањето на мерките за заштита од Ковид-19 и „премиер Албанец“


Фото: Б. Грданоски

На три дена пред официјалниот почеток на кампањата за предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули, политичките партии се веќе излезени на терен меѓу бирачите, а покрај вообичаените препукувања за тоа кој што направил или ветил, а не направил, како теми ги наметна и почитувањето на мерките за превенција од корона вирусот и идејата на ДУИ за „премиер Албанец“.

СДСМ ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Хриситјан Мицкоски дека „устата им била полна со наводна грижа за здравјето на граѓаните, а со сите постапки директно го загрозуваат јавното здравје“

– Малку му беше (на Мицкоски) што одеше по теретани и кафеани, кога тоа беше забрането, сега организира партиски собири спротивно на сите протоколи за заштита на здравјето и со тоа директно придонесува за ширење на коронавирусот, обвини СДСМ, посочувајќи дека Мицкоски и неговата партија со своите постапки и однесување директно го загрозија здравјето на десетици граѓани.

На ваквите обвинувања Мицкоски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот и никако не може да води кампања позади сметачките машини и позади екраните.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот и во следните 25 дена и во оние дваесет денови кои ќе бидат дел од кампањата, изјави Мицкоски.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пак, порача дека партијата ќе ја прилагоди кампањата кон мерките за заштита од корона вирусот.

– Ние како членови на ВМРО-ДПМНЕ, како да кажам носители на оваа кампања се придржуваме буквално до сите мерки за заштита. Тоа го бараме буквално од сите луѓе кои учествуваат во кампањата. Впрочем и апелиравме и до останатите политички субјекти кои што учествуваат во оваа кампања, во овие избори да го прават буквално истото, изјави Јанушев.

На почитување на протоколите за изборната кампања и на мерките за заштита од коронавирусот, во интервју за МИА, апелираше и извршниот директор на граѓанската асоцијација МОСТ, Дарко Алексов.

– Секој од чинителите на изборите има своја одговорност и доколку не се почитуваат мерките за заштита на здравјето и протоколите, ќе настане хаос и што е исто така важно во целиот овој процес, политичарите да нема кој да ги гласа, а ние како граѓани да не излеземе да гласаме, изјави Алексов, истакнувајќи дека самата кампања мора да биде во фокус од здравствен аспект, бидејќи изборите не се само денот на гласање.

ДУИ од своја страна продолжи со пласирањето на идејата за „премиер Албанец“, обвинувајќи ги СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека „се исти кога станува збор за неприфаќање на албанската заедница во врвот на власта“.

Партијата оцени дека со изјавата оти барањето за премиер Албанец ќе ја оддалечи ДУИ од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски само го копирал лидерот на СДСМ, Заев.

– На овие избори ние целиме кон првиот премиер Албанец и ако Албанците се обединат зад ова кауза, ние тоа ќе го оствариме. Со еден силен и унифициран албански глас, македонските партии ќе треба да го прифатат нашето барање за премиер Албанец бидејќи ниту една од нив нема да го има потребното мнозинство во Собранието без поддршката на Албанците, порача ДУИ.

На ваквите оценки на ДУИ, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Јанушев одговори дека неговата партија нема да дозволи уцени и диктати од никого, ниту од ДУИ, ниту од СДСМ.

– Во однос на тоа инсистирање, јас само ќе кажам навистина не разбирам зошто се инсистира на тоа, впрочем и досегашниот премиер не се однесуваше ништо поразлично од тоа што всушност го бараат Ахмети и Османи, додаде Јанушев.