Камионите на „комуналците“ излегоа на терен, откази и кривични пријави за тие што ги попречуваа
По реакција на полицијата, седум камиони на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ сепак излегоа да го чистат ѓубрето низ Скопје.Вработените кои протестираа во дворот на претпријатието сакаа да ги спречат лежејќи на земја и буткајќи ги полицајците. Според искази на вработените, четворица од нив биле приведени од полицијата и „не им беше јасно“ зошто.
Началникот на полицијата прво ги убедуваше вработените да се тргнат и да направат пат, но тие не го слушаа. Потоа, им рече дека секој што ќе попречи полицаец во обезбедувањето на камионите ќе биде приведен.Иако дојде до буткање меѓу вработените и полицијата, сепак, беше избегнат поголем инцидент, а патот беше пробиен и камионите излегоа.
„Најголем дел од вработените прифатија да се вратат на своите работни места и задачи“, изјави Косана Николиќ Мазнева за Телма ТВ.
Таквиот епилог, како што истакна, бил резултат по целодневните разговори.
,,Формирана е работна група од прва и од втора смена, заедно со трета, и излезени се на терен со потребната механизација. По целодневните преговори, најголем дел од вработените прифатија да се вратат на своите работни места и задачи. Вечерва екипите се придружувани од полиција. Во текот на утрешниот ден ќе следат постапки за откази на онаа група која три дена го узурпираше претрпријатието. Против истите тие поднесени се денеска и кривични пројави за загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните, вели Мазнева за ТВ Телма.