Камчев ги тужи Јанева, нејзиниот син и обвинителката Стефанова


Орце Камчев од неодамна е на црната листа на САД

Бизнисменот Орце Камчев поднел кривична пријава против поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, против нејзиниот син Лазар и против обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот Империја.

Според пријавата на Камчев, кој е осомничен за перење пари во случајот „Империја“, тројцата создале група која сакала да извлече имотна корист од него.

Кривичната на Камчев следува откако обвинителката Лиле Стефанова не се согласи тој да добие нов времен пасош со кој ќе патува на состаноци во Турција и Швајцарија, откако претходниот пасош што го доби од Јанева му истече минатата недела. Јанева е второобвинета во случајот „Рекет“ за изнуда на пари од него.

Стефанова продолжи да го води случајот Империја и откако предметите на СЈО потпаднаа под надлежност на ОЈО.

Јанева е второосомничена во случајот Рекет, за кој наскоро треба да почне судење.