Камбовски: Крајно време е да ги тргнеме судиите што не работат законски
Новиот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски, им порача на судиите на кои им порача дека ова тело е нивна куќа
Новиот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој едногласно беше избран на денешната седница како единствен предлог, најави одговорност за судиите кои не работат според законите и Уставот, туку за свои лични интереси и максимална поддршка за судиите кои работат чесно.
„Мислам дека е крајно време да ги тргнеме од нашите редови тие 10, 15, 20 судии од вкупно 400 судии во Македонија. Секој судија кој не работи според законите, туку според некои негови лични интереси, дали потпаднал под влијание, дали сакал да оствари некаква друга материјална или нематеријална корист, бидете уверени дека местото нема да му биде веќе во судскиот систем. И, обратно, сите други судии кои работат чесно, а тоа се огромно мнозинство, ќе имаат максимална поддршка од Судскиот совет. Вратите и телефонските линии ќе им бидат отворени 24 часа. Било каков притисок ако имаат, било какво влијание ако некој се обидува да им прави, слободно да се обратат за заштита пред Судскиот совет“, рече Камбовски.
Тој не одговори конкретно дали се води некаква нова постапка за одговорност за судијата Енвер Беџети кој се најде на црната листа на Стејт департментот заедно со поранешниот вицепремиер, Артан Груби кој наводно заради мито го застари случајот за масовното прислушување, со образложение дека овие постапки се тајни.
Околу најавите за разрешување на членовите кои се избрани во Собрание, меѓу кои и поранешната претседателка Весна Дамева, Камбовски се надева дека Собранието ќе постапува согласно Уставот и законите.
„Во принцип, Судскиот совет не сака да коментира изјави на поединечни политичари, меѓутоа длабоко сме уверени дека Собранието како уставотворец, законодавец, ќе ги почитува и Уставот и законите и ќе постапува согласно нив и аналогно на тоа и одлуките кои ќе ги носи“, рече Камбовски.
Една од главните негови пораки му беше до судиите на кои им порача дека Судскиот совет е нивна куќа, „куќа на судиите“, дека покрај тоа што ги контролираат, ова тело да го чувствуваат како нивен дом.
Камбовски беше предложен за функцијата од поранешниот врховен судија, Исамедин Лимани, а јавна поддршка доби и од членовите, Антоанета Димовска, Ивица Николовски, Тања Чачаровска-Илиева и Весна Дамева.
„Александар Камбовски има и интегритет и кредибилитет да се бори за поголема финансиска независност на судовите, бидејќи тие ја вршат судската власт, а Судскиот совет треба да им обезбеди услови, како и за судиите да можат понезависно и непристрасно да го применуваат правото“, изјави Лимани.
Димовска рече дека не се сомнева дека ќе покаже менаџерски способности и дека нема никаква причина да не го даде својот глас. Николовски рече дека со неговиот кредибилитет, интегритет, искуство, знаење ќе доведе до зацврстување и подигнување на довербата на граѓаните, но не со зборови, туку чекор по чекор со дела. Тој од новиот претседател очекува и да седне и да разговара со извршната власт за да ги решат проблемите во судството.
Дамева рече дека да не бил предлог на Лимани, таа ќе го предложела бидејќи во овој краток период додека е член видела исклучителна поддршка од негова страна во сите активности на Советот во насока на имплементација на препораките на Оценската мисија.