Камбовски: ЈО може да ги преземе предметите на СЈО
Предметите на СЈО може да преминат во Јавното обвинителство и за тоа има законска основа, смета академик Владо Камбовски кој учествува на консултациите во Министерството за правда за новиот закон за јавното обвинитѕелство.
– Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство која е заснована на хиерархиска субординираност, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите треба да се доделат на обвинителите од СЈО, рече Камбовски.
Друга варијанта, според него, е Специјалното јавно обвинителство да се спои со Обвинителството за организиран криминал и корупција, да се избере нов специјален обвинител и СЈО да продолжи да ги води предметите.
Камбовски смета дека СЈО ја одиграло својата улога во еден транзициски период и отворило многу предмети, но сега со реформите во правосудниот систем, Јавното обвинителство се оспособува ефикасно да го гони криминалот и високата корпуција.
Решение е потребно бидејќи, посочува Камбовски, според Законот за СЈО, на 15 септември истекува мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е приведена, а само таа може да делегира и одзема овластувања на обвинителите во СЈО.