Камала Харис избира потпретседателски кандидат, познати тројца фаворити


Американската потпретседателка Камала Харис денеска зборуваше во нејзината резиденција во Вашингтон со тројца водечки демократски кандидати за потпретседател, пред конечната одлука за нејзиниот најблизок соработник за ноемвриските претседателски избори.

Харис е домаќин на гувернерот на Минесота Тим Волц, сенаторот од Аризона Марк Кели и гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро.

Се очекува Харис да го објави својот избор веќе утре, пред нејзиното прво појавување во јавноста со потпретседателскиот кандидат во вторник во Филаделфија.

Кампањата на Камала Харис, исто така, планира да објави на социјалните мрежи кој ќе биде потпретседател, изјавија за Ројтерс официјални лица запознаени со договорот.

Не е познато, јавува Би-Би-Си, дали Харис денеска разговара со други потенцијални кандидати, вклучувајќи го гувернерот на Кентаки Енди Бешеар и секретарот за транспорт Пит Бутиџиг, со кои се сретна во петокот.

Таа мора да донесе одлука пред конвенцијата на демократите, која почнува на 19 август во Чикаго.

Откако ќе биде објавен кандидатот за потпретседател на Демократската партија, тој и Харис ќе ги обиколат државите каде што демократите и републиканците имаат слична поддршка од гласачите.

Шапиро би можел да и помогне на Харис да ја освои Пенсилванија. Но, тој наиде на остри критики од левицата за неговата поддршка на Израел и неговото справување со студентските протести за Газа.

Марк Кели, поранешен пилот на морнарицата и астронаут на НАСА, стана водечки глас за безбедноста на оружјето, а неговиот цврст став за границите и повремената критика на администрацијата на Бајден може да им се допадне на независните и конзервативни гласачи. Волц, кој служеше 12 години во Конгресот пред да стане гувернер на Минесота во 2019 година, стана омилен меѓу прогресивците и младите луѓе кои уживаат во неговите напади врз поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп.

Изборот на потпретседателски кандидат е една од најважните одлуки во политичката кариера на Камала Харис, бидејќи таа брза да го предизвика Доналд Трамп на изборите на 5 ноември, откако претседателот Џо Бајден се откажа од трката минатиот месец.

Нејзиниот потесен избор на кандидати вклучува белци со искуство во привлекување рурални, бели и независни гласачи.

Нејзината одлука ќе влијае и на идната насока на Демократската партија, издигнувајќи го избраниот кандидат во првите редови на идните претседателски натпревари.