Калиопи за Есма Реџепова: „Она што ѝ го направивме покажува колку сме недостоинствени и без почит“


Фото: Б.Грданоски

По повод 5 години од смртта на кралицата на ромската песна Есма Реџепова Теодосиевска, естрадниот магазин „Бекстејџ“ ѝ го посвети петочното издание токму на неа.

Во изданието, меѓу другото, зборуваше и поп дивата Калиопи, која се присети на убавите спомени за Есма и раскажа една интересна анегдота која заедно ја доживеале во Грција.

Во интервјуто, Калиопи признава дека не знаела што се случува со куќата на Есма и во каква состојба се наоѓа истата денес.

„Овој податок не го знаев и е срамно за нас доколку сме дозволиле да се случува такво нешто. Таа не го заслужила и мислам дека тоа е само едно огледало на нас, колку сме недостоинствени и без почит“, вели пејачката.

Есма ќе ја паметиме како естраден уметник за кој пишуваа и светски престижни весници како „Ле Монд“ и „Њујорк тајмс“, како хуманист и чувар на ромската и на македонската песна, активист, пријател и жена. Во 2013 година ја доби и титулата национален уметник на Република Македонија. Во текот на 55-годишната кариера одржа над 12 илјади концерти ширум светот, сними 15 албуми и посвои 48 деца. Има објавено две монографии за Есма. Во 2013 година со Лозано нѐ претставуваше на песна на Евровизија во Малме, Шведска, со песната „Пред да се раздени“.

Во Брисел, од 1 октомври до 15 октомври, беше отворена спомен-соба во чест на  Есма. Беа изложени фотографии, како и неколку фустани што Есма ги носеше на нејзините концерти, накит, најновата книга на авторот Славе Катин, итн.…
-За жал, не успеавме да зачуваме многу дела за изложување, но се надевам дека еден ден ќе бидат казнети оние што незаконски однесоа се што беше вредно од долгата кариера на Есма и Стево Теодосиевски. Апелирам до надлежните институции, „Господа“, нека ова биде уште еден поттик за вас да го решите судскиот спор што трае речиси пет години. Есма и Стево Теодосиевски заслужуваат многу повеќе, бидејќи тие се уметници што го оставија целиот свој труд на Македонија – нагласи  посинокот Симеон Атанасов.