Калиопи по седум години со концерт во Македонија – ја покани Народниот театар од Велес


Поп-ѕвездата Калиопи (55), по седум години откако го одржа својот последен солистички концерт во Битола, повторно најави самостоен концерт во земјава, и тоа во Велес, во Народниот театар ,,Јордан Хаџи Костадинов – Џинот”. Настанот е закажан на 26 ноември, во 20 часот на големата сцена ,,Петре Прличков”.

Како што е наведено во најавата за концертот, таа настапува во Велес на покана од Народниот театар. Нејзиниот поранешен сопруг, актерот Васил Зафирчев, со кого Калиопи и по разводот остана во пријателски односи, е уметнички директор во театарот.

Изминативе години пејачката имаше голем број на концерти во регионот. Освен што е активна на поп сцената, таа компонира музика за балет и театар. Периодов беше актуелна со балетската претстава ,,Госпоѓиците од Авињон” за која музиката ја компонираше . Деновиве Калиопи беше домаќинка на дел од актерите од Белградско драмско позориште кое гостуваше две вечери  на сцената на Македонскиот народен театар со претставата „Лет над кукавичкото гнездо“, во режија на Жанко Томиќ, создадена по текстот на Кен Кеси и Дејл Васерман и со Драган Бјелогрлиќ во главната улога.