Калинки – скапоцените зрна на есента
За оваа широко распространета билка се говори дека може да го запре времето, а нејзините зрна се сметаат како симбол на плодноста. Позната по својот богат вкус, висока содржина на витамин Ц и многу здравствени придобивки, ова овошје се смета за кралско. Нејзиното потекло е од северна Индија и Иран, од каде што е пренесена од старите Грци на Медитеранот. Оттаму Маврите ја однеле во Шпанија, а Шпанците ја пренеле во Калифорнија, Чиле и Перу, каде што се култивира и денес. Градот Гранада го добил своето име според ова овошје, а кај нас најмногу ја има во Валандовско-гевгелискиот Регион. Таа се одгледува и во Јужна Африка, Турција и Израел, а нејзиниот период за берба е од октомври до јануари, во зависност од регионот.
Калинката се смета за едно од најздравите овошја, бидејќи изобилува со антиоксиданси и има антивирусни и антиканцерогени својства. Одличен извор на витамините А, Ц, Е и К, како и на фолна киселина, потоа калиум, селен и фосфор. За неа се вели дека е Божјо овошје, бидејќи е споменувана и во теолошките книги. Може да се јаде сурова, да се цеди како сок, но и како вино, а од нејзината сува кора се прави дури и чај. Ајде да видиме во што сè таа може да помогне!
Заштита од слободните радикали
Црвените зрна на калинката ја добиваат својата убава боја од полифенолите, кои се моќни антиоксиданси. Тие се одлични во борбата со слободните радикали, а калинката содржи најмногу антиоксиданси од сите овошја, па дури повеќе и од зелениот чај и црвеното вино. Слободните радикали се добиваат од токсичните елементи од непосредната околина, а предизвикуваат прерано стареење. Со користењето на ова овошје, може да ги заштитите клетките од оштетување и да го намалите воспалувањето.
Разредување на крвта и заштита на срцето
Со висок процент на витаминот Ц, ова овошје има својство да ја разретчува крвта и да прави превенција против коагулацијата. На тој начин, природно го балансира крвниот притисок и го намалува ризикот од срцеви и мозочни удари. Ги одржува артериите во добра состојба преку намалувањето на холестеролот и ја задржува нивната природна еластичност. На тој начин дејствува како превенција против артериосклерозата и го зголемува нивото на кислород во организмот.
Срцевите заболувања се сметаат за болест на модерната доба и се честа причина за прерана смрт. Преку намалување на триглицеридите и намалување на притисокот, се заштитува работата на срцето и се намалува стресот, преку намалување на хормонот наречен кортизол.
Превенција при артритис
Оваа болест е честа во западните земји, а означува воспалување на зглобовите. Бидејќи калинката има антивоспалителни својства и висока количина витамин Ц, таа се користи и при овој вид заболувања и на тој начин ја зголемува мобилноста, а со самото тоа и општата добросостојба кај човекот. Нејзините ензими може да помогнат и при третирањето на остеоартритис.
Хормонални проблеми
Богата со фитоестрогени, калинката може да помогне при тегобите на менопаузата и хормоналните нарушувања при менструалниот циклус. Кај мажите што минуваат низ андропауза, може да помогне во заштита на простатата и еректилната дисфункција. Значително го намалува ризикот од карцином на дојка, бидејќи ја инхибира репродукцијата на канцерогените клетки, па дури и убива дел од нив. Со редовното консумирање на нејзиниот плод, сок, лушпа или цветот, се зацврстуваат ноктите, се подобруваат растот и сјајот на косата, кожата останува хидрирана и еластична и се подобрува генералното расположение.
Подобрување на меморијата
Антиоксидансите со кои изобилува сокот на ова овошје го намалуваат прогресот на Алцхајмеровата болест и ја штитат меморијата. Дури и со мало консумирање на ова овошје или една чаша сок на ден, се подобрува вербалната и визуелната меморија. Кај повозрасните лица помага и во постоперативниот период и реконвалесценција.
Подобрување на дигестијата
Богата со многу целулозни влакна, таа ја подобрува дигестијата, го подобрува апетитот и ја регулира работата на желудникот. Кората се користи како чај против акутна или хронична дијареја, а алкалоидите што таа ги содржи се одлични за борба против цревни паразити.
Антивоспалителни својства и зголемување на имунитетот
Со подобрување на дигестијата, автоматски се подобрува и имунитетот, а витаминот Ц помага при продукција на антитела и така му помага на телото да се бори од инфекции и други видови заболувања. Тука спаѓа и дијабетесот од типот 2, како и карциномот на дебелото црево. Редовното користење на сокот од калинка ги намалува инфламаторните маркери во голем процент.
Исто така, состојките на калинката се одлични во борба против микроорганизмите и анализите покажуваат дека ова овошје е одличен избор при лекувањето на некои габични инфекции и бактерии. Калинката нуди одлична заштита против инфекциите и воспалувањата во устата, како гингивитис, перидонтитис и стоматитис.
Издржливост при спортските активности
Поради своите богати хранливи својства, калинката го подобрува спортскиот перформанс и ги ублажува уморот и болката. Го намалува оксидативниот стрес и ја подобрува циркулацијата, па така спортистите би требало да знаат за овие својства за да ја зголемат својата ефикасност на спортските терени.
Ете затоа калинката се нарекува кралица на овошјата. Како одлична заштита кај пушачите, при радијација е природен антидепресив и афродизијак. Наведовме само мал дел од лековитите својства на ова чудотворно растение, со кое може да си го вратите своето здравје во баланс и да го намалите ризикот од сериозни болести. Сокот може да го приготвувате и самите, без да ги отстранувате меките кожинки меѓу преградите на зрната. Сè што ви е потребно е да појдете до најблискиот пазар или маркет, да купите калинки и да ги исцедите како што го цедите портокалот или лимонот.
Доколку веќе пиете некои лекови за разретчување на крвта, потребно е да се консултирате со својот матичен лекар и да добиете совет за тоа која количина е најдобра за вашето здравје. Секако, не заборавајте дека тајната на лекот се крие во дозата.
Ирена Танчева